Министерот Ристовски ги посети семејствата Зендели кои во пожар ги загубија домовите

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски во придружба на преставници на Црвениот крст на Македонија денеска ги посети семејствата Зендели, кои во огнената стихија вчера ги загубија своите домови и целата покуќнина.

По вчерашниот пожар, во кој целосно изгореа пет станбени објекти, нагласи Ристовски, на секое семејство ќе им се додели согласно законот максимумот од 30 илјади денари еднократна првична помош.

- По завршување на увидот и добиениот извештај од стручните екипи на полицијата за причините за пожарот ќе им помогнеме согласно можностите и да ги оспособат семејните објекти.Станува збор за лоша судбина, но ние како институции мора да им помогнеме, изјави министерот Ристовски.

Сузана Пауновска Тунева, од Црвениот крст на Македонија  информира дека во првичната помош има 10 семејни пакети со храна, 10 пакети со хигиенски средства, 21 ќебе, кујнски сетови, како и церади за покривање на објектите.

- Нашата организација во Тетово ќе продолжи да ја следи состојбата и по дополнителната проценка следната недела ќе доставиме и се друго што им е потребно, рече Пауновска Тунева.

Двајца од браќата Асан и Екрем Зендели истакнаа дека се задоволни од доставената помош, со напомена дека тоа е првото што го добиле по вчерашниот пожар во коишто изгубиле се што имале.

Во однос на положбата на децата, министерот Ристовски рече дека тие можат институционално да бидат згрижени, но за тоа семејствата треба самите да решат.