Вицепремиерот Џафери во Брисел се сретна со заменик помошникот на генералниот секретар на НАТО, Џејми Шеј
Вицепремиерот на Република Македонија одговорен за спроведувањето на Охридскиот договор, Муса Џафери во рамки на посетата на Брисел, во седиштето на НАТО се сретна со заменик помошник генералниот секретар на Алијансата Џејми Шеј.
За време на средбата, вицепремиерот Џафери и високиот претставник на НАТО Шеј зборувале за актуелните политички случувања во земјата, како и за реформите во различни области, со фокус на спроведувањето на Охридскиот договор.
Двајцата соговорници констатирале дека целосната имплементација на овој мировен договор е еден од главните столбови за интеграцијата на Македонија во евроатлантските структури, и оти адекватната застапеност на Албанците во органите на безбедност гарантира стабилност, соопшти кабинетот на Џафери.
Вицепремиерот Џафери потенцирал дека зачленувањето на Македонија во НАТО останува приоритет на Владата во наредните нејзини активности. Со оглед на тоа дека Шеј е добар познавач на околностите во Западен Баллкан, тој во детали с еинтересирал за актуелните политички случувања во регионот, при што истакнал дека со побрзото интегрирање на Македонија во НАТО ќе се отворат перспективи за целиот регион.
Заменик помошник генералниот секретар на НАТО, Џејми Шеј, истакнал дека Македонија треба да го реши спорот со името со Грција за што побрзо да стане членка на Алијансата.
За време на престојот во Брисел, вицепремиерот Муса Џафери ќе оставри средби и со Роберт Копер, советник на ЕУ за надворешна политика во Блискиот Исток и Балканот, со Мирослав Лајчак директор на Одделот за Русија, Источно соседство и Западен Балкан, со Ричард Ховит известувач за Македонија во Европскиот Парламент и со европратеникот Јоргос Шацимаркакис.
Предевидено е Џафери да има обраќање на конференцијата организирана од Универзитетот Либре во Белгија, на тема „Република Македонија земја членка за ЕУ и НАТО - 10 години по Охридскиот договор“.