Заев на промоција на инклузивна сликовница „Буква по буква – азбука“ по повод одбележување на Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

Со денешната промоција на инклузивната сликовница-буквар со наслов „Буква по буква - азбука” создадена во три форми на азбука (кирилица, знаковниот јазик и брајовата азбука), со кои луѓето без и со попреченост комуницираат меѓу себе, во дворот на Клубот на пратеници беше одбележан празникот на сесловенските учители и просветители Светите браќа Кирил и Методиј.

Во присуство на повеќе соработници на проектот, покрај претседателот на Владата Зоран Заев, се обратија и претседателката на Здружението „Свет на различни, а еднакви“ и поетеса и авторка на букварот, Гордана Симоновска-Момироска и рецензентот и промотор, Горјан Петрески.

Поздравувајќи ги присутните и изразувајќи чест и задоволство за присуството на промоцијата на сликовницата, отпечатена на кирилско видно и кирилско брајово писмо за да биде пристапна и за лицата со оштетен вид, премиерот Заев истакна дека оваа сликовница, како дел од проектот „Правото да читаш не е посебна потреба“ на здружението на граѓани „Свет на различни и еднакви“ е револуционерна новина кај нас, којашто ги задоволува потребите на сите читатели и овозможува да ја читаат деца со и без попреченост на видот, но и возрасни лица со оштетен вид да можат самите да им читаат на своите деца и внуци.

Со оваа сликовница, децата и возрасните без пречки во видот имаат ретка можност, покрај своето да го запознаат и брајовото писмо, кое го употребуваат децата и возрасните кои не можат да гледаат.

„Посебна симболика претставува што оваа промоција се одржува на Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, кои, пред нешто повеќе од 12 века, спроведоа неколку мисии во Мала Азија и Европа, откако претходно ја создадоа глаголицата на која ја преведоа Библијата за да го шират словото Христово на јазик близок на словенските народи. Нивната мисија на обединување на словенските со другите народи на Европа пред нешто повеќе од 1.150 години, покрај христијанизацијата на словенските народи, имала и извонредно и единствено историско-културолошко и епохално просветителско значење”, рече премиерот Заев посочувајќи дека глаголицата на Свети Кирил, која верно ги предава словенските фонетски особености, е основата на подоцнежното кирилско писмо на неговите ученици, од кое неколку века потоа се кодифицирале современата македонска азбука и јазик. 

„Писмото и описменувањето е светлина за секој човек и никој не смее да биде исклучен од ова основно човеково право кое секоја напредна заедница мора да им го обезбеди на сите свои сограѓани без исклучок. Затоа оваа, како и претходната книга на македонски и на албански јазик, со празнична содржина под наслов „Новогодишна сказна“, исто така напишана и на Брајовото писмо, ја сметам за исклучително значаен придонес на авторката Гордана Симоновска-Момироска и на издавачите кои стојат зад овој благороден потфат“, оцени Заев, изразувајќи задоволство што овој проект, сликовницата „Буква по буква – азбука“, е поддржан и од Владата на Република Северна Македонија, што како што нагласи тој, оваа поддршка е дел од останатите Владини активности за афирмација на негувањето и промоцијата на македонскиот јазик и на јазиците на другите наши заедници, меѓу кои, дигитализацијата на Правописот и Толковниот речник на македонскиот јазик и конкурсот за детски песни и раскази од кои произлезе збирката „Моето патување во Фантазија“ во која се собрани творбите на децата од цела Северна Македонија.

„Тоа го сметам за заедничко вложуваме во вистински вредности. На овој начин оставаме белег на нашето време што ќе ја збогати литературата за деца и млади со нови разиграни, ведри и поучни инклузивни изданија кои ќе влезат во многу домови, градинки, училишта, библиотеки и ќе останат во трајно наследство за детската книжевна ризница“, рече Заев, додавајќи дека проектите се со цел, алатките кои описменуваат да бидат подостапни до сите кои сакаат правилно да го говорат македонскиот јазик и како поттик кон сите кои сакаат да творат на македонски јазик.

„Нека ни е честит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј“, рече на крајот на своето обраќање премиерот Зоран Заев.

Авторката Симоновска-Момироска говореше за инклузивната сликовница, „Буква по буква-азбука“ со порака: „Правото да читаш не е посебна потреба!“, притоа нагласувајќи го трудот, љубовта и задоволството со кои работел тимот, истовремено запознавајќи ги присутните со творбата, чија содржина е испечатена на видно писмо и на брајово писмо, без да се наруши основниот медиум, неговите илустрации, квалитет и форма.

„Ова е вистинска инклузија, со која за прв пат е претставена азбуката кај нас и ги задоволува потребите на сите читатели.

Велат, познавањето на туѓите јазици е вистинско богатство, но тогаш кога ќе умееме да ги препознаваме и формите на азбуките, со коишто се општи, верувајте, тоа богатство станува бесценето“, порача авторката користејќи ја приликата да се заблагодари на покажаната поддршка на премиерот Заев и до останатите помагатели на проектот и најавувајќи дека иста содржина се подготвува и на албански јазик, а ќе се изготви и на други јазици кои се говорат кај нас.

„Во оваа рационална, но и раскошна „Буква по буква-азбука“, во прв план, глаголиво и говорливо се оживеани триесет и една буква од нашата азбука - кирилица. А она што треба посебно да се истакне и што заслужува неодминливо внимание е податокот што овој насушно потребен проект е збогатен токму со брајова и знаковна азбука што првпат се случува во издаваштвото кај нас“, подвлече поетот Горјан Петрески, рецензент и промотор на инклузивната сликовница-буквар, говорејќи и во име на вториот рецензент, писателот Киро Донев, кој беше отсутен од настанот. Петрески, цитирајќи го Тони Пајдаков, секретар на Здружението на слепи лица во Велес, порача дека „покрај едукативниот дел, инклузивната сликовница „Буква по буква – азбука“ е наменета за раниот детски развој и е силна алатка за подигнување на јавната свест за постоење лица со попреченост, (глуви и слепи лица) и за начинот на кои тие се описменуваат“.

„Заедно градиме трајни вредности и оставаме белег на нашето време!“, беше главната порака која беше упатена од промоцијата на детската сликовница, за чија чистина на македонскиот јазик се погрижи проф. д-р Гордана Алексова, а за илустрациите Наско Џорлев.

„Буква по буква-азбука“ веќе од утре ќе биде достапна за читателската публика и со секоја купена инклузивна сликовница за децата, се донира и за хуманитарните активности што ги спроведува Здружението на граѓани „Различни, а Еднакви“, дел е наменет за Сојузот на слепи лица во Велес, на кои им е потребна уште една машина за печатење на брајово писмо.

На денешниот настан по повод одбележувањето на празникот 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј и на кој беа прочитани дел од со стиховите на книгата „Буква по буква по буква –азбука“ и на кој поетесата Симоновска-Момироска му го предаде како подарок на премиерот Заев првото издание на инклузивната сликовница „Буква по буква - азбука“ присуствуваа и министерките за образование и наука Мила Царовска, за култура Ирена Стефоска, за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министрите за надворешни работи и здравство, Бујар Османи и Венко Филипче, како и многубројни соработници на проектот и љубители на пишаниот збор.


Во продолжение, обраќањето на премиерот Зоран Заев:

„Почитувана Гордана Симоновска-Момироска, автор на инклузивната сликовница „Буква по буква – азбука“,
Почитувани приредувачи и издавачи на инклузивната сликовница,
Почитувани министри во Владата, 
Почитувани советници и координатори во Владата,
Почитувани дами и господа,
Денешниот ден и голем празник – 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, го одбележуваме со уште една значајна содржина.

Мене, и на сите нас присутни на овој настан, ни претставува посебна чест да бидеме дел од празничното чувство со кое е исполнета оваа промоција на инклузивната сликовница „Буква по буква – азбука“ на поетесата за деца и млади и истакнатата хуманистка Гордана Симоновска-Момироска.

Сликовницата, како дел од проектот „Правото да читаш не е посебна потреба“ на Здружението на граѓани „Свет на Различни, а Еднакви“ и отпечатена со поддршка на „Европа 92“ од Кочани и Сојузот на слепи лица од Велес, за своја основна цел со својот двоен печат - на кирилско видно и кирилско Брајово писмо, да биде пристапна и за лицата со оштетен вид.

Вака напишана и опремена оваа сликовница е револуционерна новина во издаваштвото кај нас што ги задоволува потребите на сите читатели без да го наруши нејзиниот основен формат и квалитет. 

Поточно, вака форматираната сликовница овозможува истовремено да ја читаат деца со и без попреченост во видот, но и возрасни лица со оштетен вид да можат сами да им читаат на своите деца или внуци. 

Стиховите се поставени на чиста позадина со крупен фонт што го олеснува читањето и за слабовидните лица. 

Уште една дополнителна, а многу голема вредност на оваа сликовница е што децата, а и возрасните без пречки во видот имаат ретка можност покрај своето, да го запознаат и Брајовото писмо. 

Тоа е писмото со коешто читаат нивните децата и возрасните кои што не можат да гледаат, но ќе можат истовремено со нив да читаат, држејќи ја во раце истата сликовница, што ќе им внесе и чувство на еднакво важни со другите. 

Посебна симболика претставува што оваа промоција се одржува на Денот на сесловенските просветители, Свети Кирил и Методиј, кои, пред нешто повеќе од 12 века, спроведоа неколку мисии во Мала Азија и Европа, откако претходно ја создадоа глаголицата на која ја преведоа Библијата за да го шират словото Христово на јазик близок на словенските народи.

Нивната мисија на обединување на словенските со другите народи на Европа пред нешто повеќе од 1.150 години, покрај христијанизацијата на словенските народи, имала и извонредно и единствено историско-културолошко и епохално просветителско значење.

Цел на мисиите во Европа, покрај ширењето на словото Христово, описменувањето и просветлувањето, била теолошката апологија на старословенскиот јазик и неговото користење во божјите служби кои дотогаш во Европа се вршеле само на три јазици – на латински, грчки и германски. Темелот на тој културолошки процес бил создавањето на првата азбука – глаголицата. 

Глаголицата на Свети Кирил, која верно ги предава словенските фонетски особености, е основата на подоцнежното кирилско писмо на неговите ученици, од кое неколку века потоа се кодифицирале современата македонска азбука и јазик.
За тоа колку е големо делото на Свети Кирил и Свети Методиј сведочи и признанието кое им го оддава Папата Јован Павле Втори во неговото послание од 31 декември 1980 година, со која ги прогласува Светите браќа за патрони, заштитници, на Европа.
Намерата на нивната мисија е Библијата да биде достапна за сите Словени. 

Нивната мисија тогаш имала национална, наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога.

И токму во достапноста на писмото го гледаме описменувањето.

Писмото и описменувањето е светлина за секој човек и никој не смее да биде исклучен од ова основно човеково право кое секоја напредна заедница мора да им го обезбеди на сите свои сограѓани без исклучок.

Затоа оваа, како и претходната книга на македонски и на албански јазик, со празнична содржина под наслов „Новогодишна сказна“ и исто така напишана и на Брајовото писмо, ја сметам за исклучително значаен придонес на авторката Гордана Симоновска-Момироска и на издавачите кои стојат зад овој благороден потфат.
Јас сум особено задоволен што овој проект, сликовницата „Буква по буква – азбука“, е поддржан и од Владата на Република Северна Македонија. 

Тоа го сметам за заедничко вложување во вистинските вредности. На овој начин оставаме белег на нашето време што ќе ја збогати литературата за деца и млади со нови разиграни, ведри и поучни инклузивни изданија, кои ќе влезат во многу домови, градинки, училишта, библиотеки и ќе останат во трајно наследство за детската книжевна ризница.

Оваа наша поддршка е само дел од останатите наши активности за афирмација на негувањето и промоцијата на македонскиот јазик и на јазиците на другите наши заедници, како што се дигитализацијата на Правописот и Толковниот речник на македонскиот јазик и конкурсот за детски песни и раскази од кои произлезе збирката „Моето патување во Фантазија“ во кој се собрани творбите на децата од цела Северна Македонија. 

Сите овие проекти се наменети за да ги направиме алатките кои описменуваат што подостапни до сите кои сакаат правилно да го говорат македонскиот јазик и за да ги поттикнеме сите кои сакаат да творат на македонски јазик. 

Бидејќи само така, преку правилна употреба и творење, преку достапноста, еден, пристрасно ќе кажам прекрасен јазик каков што е нашиот македонски јазик, ќе продолжи да живее.

На крајот, дозволете ми уште еднаш да го издвојам чувството кое сите нè обедини од промоцијата на сликовница „Буква по буква - азбука“ отпечатена на кирилско видно и кирилско Брајово писмо: Чувството на радост и исполнетост заради можноста за заедничко читање и за споделувањето на радоста од читањето и учењето што ги носи ова значајно издание.

Сите честитки и признанија на авторката и за издавачите.

Нека ни е честит 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј!“