Да се зајакнат капацитетите за управување со животната средина, препорака од извештајот на ОН
Да се зајакнат капацитетите за управување со животната средина, особено на локално ниво и зголемување на инвестициите за проектите во животната срeдина се дел од препораките во Вториот преглед на состојбата на животната средина во Република Македонија подготвен од Директоратот за животна средина на ОН.
Извештајот, според министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, е битен за државата, за Министерството и за општините.
- Во него се покажува моменталната состојба со животната средина и кои се натамошните активности. Во Македонија се уште има недостаток на капцитетите во животната средина, рече Адеми посочувајќи дека извештајот може да се користи за барање донаторски средства од меѓународните фондови кои финансираат проекти во животната средина.
Преглед на состојбата на животната средина се подготвува за земјите во транзиција и во него се следи состојбата со животната средина во сите области, вода, воздух, отпад, природа...
Каја Шукова, раководител на Секторот за одржил развој и инвестиции во Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека во анализата е даден преглед за моменталните состојби со инвестициите, со загадувањето, количините на отпад и за тоа како функционира системот во целост, а на крајот од секое поглавје се дадени препораки.
Таа посочи дека треба да се зајакнат човечки капацитети и оти недостасува доволно знаење за животната средина.
- Има локални самоуправи кои имаат делумно изградени капацитети, но има и такви што треба многу да работат. Главна констатација е дека Законската регулатива е донесена и усогласена со Евопското законодавство, но има недостатоци во имплементацијата главно заради недостаток на финансиски средства во секторот животна средина и на локално и на национално ниво, истакна Шукова и додаде дека е заклучено оти невладиниот сектор во Македонија е активно вклучен.
Директорот на Одделот за животна средина при Економската комисија на ОН за Европа, Марко Кајнер информира дека барањето за извештајот доаѓаат од самата земја. Тој оцени дека тоа е добар чекор за Македонија во однос на соработката и позитивен чекор кон приближувањето на земјата кон Европската унија.
Првиот извештај за Македонија, е направен во 2002 и, според Кајнер, многу од тогаш дадените препораки се спроведени преку нови закони, подзаконски акти и правилници. - Сметаме дека Македонија беше активна на ова поле во последните неколку години, рече Кајнер, нагласувајќи дека Агенциите во ОН се подготвени да и дадат поддршка во спорведување на новите препораки.