Вицепремиерот Николовски: Заврши времето кога народните пари се трошеа за сé и сешто, сега службените трошоци се строго регулирани со уредби и одлуки
„Заврши времето кога народните пари се трошеа за сé и сешто, сега службените трошоци се строго регулирани со уредби и одлуки кои за прв пат се носат и важат за сите државни функционери, рече заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси“, Љупчо Николовски, одговарајќи на дополнително пратеничко прашање на денешната собраниска седница.
Вицепремиерот Николовски посочи дека за прв пат е донесена Уредба за дар со која за првпат се регулираат и подароците со целосно намалување на износите којшто се можни за примање на подароци, а воспоставен е и Регистарот на примање на подароци.
„Донесена е и одлуката којашто е целосно во примена, а се однесува на регулирањето на угостителските услуги за сите избрани именувани функционери, регулиран е износот којшто може да биде потрошен и е регулирана целокупната постапка којашто треба да се спроведе, за да на крајот биде одобрена целта односно тој настан или плаќањето на истите угостителски услуги којшто се целосно ограничени и повторно не важат само за министрите туку за сите избрани именувани функционери на којшто се однесува и кодексот“, рече вицепремиерот Николовски.
Во продолжение на одговорот, вицепремиерот Николовски најави дека во владина процедура дополнително се неколку други одлуки којшто ќе ги регулираат останатиот дел од службените трошоци, како што е Регистарот за службени возила, со кој точно ќе се регулира користењето на службените возила со цел да нема злоупотреби, а сето тоа ќе биде и законски регулирано.
„Во владина постапка се неколку одлуки којшто ќе важат за сите како унифицирани правила којшто за првпат ги правиме и за првпат покажуваме целосна политичка волја навистина да се намали политичката моќ, да се намалат привилегиите, да се намалат дискреционите одлучувања во овој поглед на самите министри и институции. Сметам дека ова го правиме за првпат како храбри и одлучни чекори којшто се надополнуваат на отвореноста и на високата активна транспарентност којашто ја одликува оваа Влада која не крие ништо, а граѓаните може да дознаат за секоја една работа и за секое едно трошење од страна на сите институции и раководители. И да потсетам тоа е една огромна разлика од едно режимско време во кое стотици илјади евра од секое министерство, институции се трошеа нерегулирано и се вадеа од службени картички и кеш средства и се трошеа нерационално и не беа воопшто регулирани токму начинот, постапката и за што може да се трошат овие средства“, рече вицепремиерот Николовски, додавајќи дека постои силна политичка волја за сите досегашни и идни преземени мерки, да сето ова се регулира и да биде воспоставена не само пракса, туку и да биде правно формално регулирано.