Премиерот Никола Груевски, денеска оствари средба со претседателот на Хрватскиот сабор,Борис Шпрем
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со претседателот на Хрватскиот сабор, г-дин Борис Шпрем, кој се наоѓа во посета на Република Македонија.
На средбата се разговараше за повеќе аспекти за продлабочување на билатералните односи помеѓу Република Македонија и Република Хрватска, при што беше нагласено дека меѓу двете земји постои меѓусебно почитување и силно пријателство.
Претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски, го информираше својот соговорник за стратешките надворешно политички приоритети на Република Македонија за членство во Европската унија и НАТО, како и за активностите што се превземаат во тој контекст.
На средбата се разговараше и за економската соработка помеѓу двете држави, при што беше истакнато дека секогаш постојат можности и простор за продлабочување на соработката во различни домени од економската сфера.
Двајцата соговорници заклучија дека постои нескриен интерес за натамошно проширување и продлабочување на взаемните односи помеѓу Република Македонија и Република Хрватска, особено во контекст на европските и евроатланските интеграции.