„Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан го поддржува долгорочното економско закрепнување на регионот, истовремено поттикнувајќи регионална интеграција. Имплементацијата на Планот ќе ја стимулира економската активност, ќе ги зголеми инвестициите и на јавниот и на приватниот сектор, ќе ги зајакне конкурентноста и иновациите, особено на малите и средни компании“, истакна премиерот Заев во своето обраќање на Самитот на земјите од Западен Балкан во Тирана.
Премиерот Заев, на Самитот ,со кој претседава премиерот на Албанија Еди Рама и на кој учествуваат еврокомесарот за проширување и добрососедство, Оливер Вархеји, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и премиерите на Косово Албин Курти, на Србија Ана Брнабиќ и на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, рече дека Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан има силен потенцијал за поддршка на главните патни и железнички врски во регионот.
„Нашата волја е поттикнување на развојот на капацитетите со обновлива енергија и премин од јаглен кон обновливи енергенси, зголемување на енергетската ефикасност, намалување на емисиите на стакленички гасови и подобрување на инфраструктурата за управување со отпадни води. За време на овие предизвикувачки периоди, сите земји од регионот работат заедно во воспоставувањето на Заедничкиот регионален пазар“, рече премиерот Заев и додаде дека тоа е успешен модел за мотивација на регионот да започне нови регионални иницијативи насочени кон приближување на Западен Балкан до внатрешниот пазар на ЕУ.
Премиерот Заев нагласи дека дигитализацијата има централна улога во модернизацијата на економиите, понатамошната интеграција на дигиталната економија на Западен Балкан кон единствениот дигитален пазар на ЕУ, правејќи го регионот попривлечна инвестициска област.
„Тесното усогласување на регулативите на Западен Балкан со основните принципи кои го регулираат внатрешниот пазар на ЕУ, заснован на пристапот на четирите слободи преку договорите за меѓусебно признавање, ќе ги развие можностите за вработување бидејќи либерализацијата на трговијата, протокот на капитал и мобилноста ќе доведат до проширување на пазарот. Економскиот и инвестицискиот план ќе ја зголеми привлечноста на регионот за странските инвеститори и ќе овозможи поголем прилив на инвестиции“, подвлече премиерот Заев.
Тој додаде дека заедно со регионалното усогласување на политиките за инвестиции и подобро координираната промоција за инвестициските можности, се создава значителен потенцијал за економиите од Западен Балкан да ја зголемат својата привлечност за странски директни инвестиции.
„Со имплементација на Заедничкиот регионален пазар создаваме подобри работни места, одличен избор по пониски цени за патување, студирање, работа и деловно работење во регионот полесно без бариери. Со интегриран пазар донесуваме дополнителен раст на БДП во регионот затоа што заедно сме посилни, што го прави Западен Балкан попривлечен, поконкурентен и поблизу до пазарите на ЕУ“, заклучи премиерот Заев.
На Самитот се дискутираше за конкретните чекори кои постојаната соработка на земјите од Западен Балкан ќе ги донесе до завршница преку спроведувањето на Акцискиот план за заеднички регионален пазар, како што се патување во регионот со лични карти; олеснување на трговијата со прехранбени производи и индустриски добра преку договори за заемно признавање; Зголемување на можностите за професионалци за работа и студенти за студирање низ целиот регион; пониски трошоци за регионални плаќања; развој на регионален дигитален пазар и гранични премини со заеднички контроли и проширување на иницијативата за зелени ленти за намалување на времето на чекање на границите.