Заев и Кривокапиќ: Северна Македонија и Црна Гора се извонредно пријателски земји, соработката ќе се интензивира уште повеќе

Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев ја заврши работната агенда од Самитот на Западен Балкан во Виена со билатерална средба со црногорскиот премиер Кривокапиќ.

Двајцата премиери ги потенцираа извонредното пријателство меѓу двете земји и подготвеноста за безрезервна меѓусебна поддршка на сите полиња кои се од интерес на народите во Црна Гора и Северна Македонија.

Заев и Кривокапиќ изразија заложби за искористување на сите можности за интензивирање на економската соработка и за олеснување на регионалната мобилност на граѓаните, услугите и стоките.

На средбата се разговараше и за меѓусебно искористување на искуствата во секторските области од работата на Владите и институциите со цел обезбедување најбрзи и најефикасни услуги за граѓаните.