Попоски ги прими копиите од акредитивните писма на новиот амбасадор на Малави
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новиот вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Малави во нашата земја, со седиште во Берлин, Исак Чиквеквере Ламба.
На средбата, министерот Попоски, соопшти МНР, изрази надеж дека добрите билатерални односи меѓу двете земји, со заеднички ангажман и посветеност на развојот на меѓусебните односи, ќе добијат уште поголем интензитет, во интерес на двете држави и народи.
Заемно беше истакната потребата од изнаоѓање најприфатливи форми за интензивирање на билатералната соработка во сите области од заеднички интерес, со посебен акцент на економската соработка и трговската размена меѓу двете земји и искористување на потенцијалите на двете земји.
Констатирано е дека регулирањето на договорната состојба, посебно во економската сфера, е основен предуслов за создавање правна рамка за развивање на економските и трговските односи, како и за привлекувањето директни странски инвестиции во Република Македонија.