Едицијата „130 тома македонска книжевност“ донирана во НУБ на Хрватска

Националната и универзитетска библиотека во Загреб, која чува вредни артефакти од хрватската и светската книжевност, денеска го збогати книжниот фонд со насловите од едицијата „130 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик.

Нив ги донираше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска по повод 20 години дипломатски односи меѓу Македонија и Хрватска.

Во обраќањето во НУБ на Хрватска, таа истакна дека овој капитален литературен проект го одразува континуитетот на вековниот стремеж за зачувување на националниот и културниот идентитет, а дека преведен на јазикот на Шекспир ги воспоставува неопходните  книжевни релации со поширокиот свет.

Соработката и пријателството со Хрватска е потврдена, и министерката и во оваа пригода, како и на претпладневната средба со хрватската министерка за култура Андреа Златар-Виолиќ, се заблагодари за поддршката од оваа земја.

- Република Хрватска е наш голем пријател и партнер, не само во областа на културата, каде што постои голема размена на проекти и уметници, туку таа е и наш голем поддржувач и на политички, и на економски план, и на полето на евроинтеграциските процеси на нашата држава, истакна Канческа-Милевска.

За книжевната донација се заблагодари директорката на хрватската НУБ Дуња Сеитер-Шверко, која истакна дека нивната институција добро соработува со македонската НУБ „Св. Климент Охридски“ и со Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство во Скопје.

Промоцијата беше збогатена со настап на етносоставот „Езерки и седум осмини“ кој изведе традиционални македонски песни.

Вечер, пак, во салата „Лисински“ ќе настапи и нашиот пијано виртуоз Симон Трпчески со Загрепската филхармонија, за кој има голем интерес во хрватската јавност.

- Концертот за Трпчески е распродаден уште пред еден месец. Книжевните случувања исто така се секојдневни, па промоцијата на оваа едиција дојде како круна на културната соработка на двата пријателски народа, изјави за медиумите  Ангел Митревски, претседател на заедницата на Македонците на Хрватска, кои според пописот во 2001 ги има околу 4.200.

Македонската литература е историски  поврзана со Хрватска зашто токму во таа земја се објавени две значајни македонски дела - Зборникот на Миладиновци во 1861 И стихозбирката „Бели мугри“ на Рацин во 1939 година.