Министерката за образование и наука Мила Царовска во рамките на „Преспа Форум за Дијалог“ му додели специјално признание за исклучителен придонес во меѓународната промоција на Република Северна Македонија, на поранешниот австриски вицеканцелар и координатор на Пактот за стабилност на Југоисточна Европа Ерхард Бусек.
„Од името на Владата и на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија ви го врачувам ова признание и искрено ви се заблагодарувам за вашата безрезервна, посветена и силна поддршка што ја дадовте и сé уште ја давате на нашата земја. Ние помладите генерации политичари треба да го следиме вашиот пример и да учиме од вашето богато искуство со што ќе придонесеме за силно партнерство и заеднички напредок на регионот”, рече Царовска.
Бусек е еден од силните поддржувачи на ЕУ интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Исто така Бусек беше координатор на Југоисточната иницијатива за соработка и Претседател на институтот за Дунавскиот Регион и Централна Европа.