„Колку што транс-атлантските врски се посилни и стабилни, Западен Балкан е посилен, стабилен и просперитетен и затоа заедничкиот ангажман на САД и ЕУ на Западен Балкан е од суштинско значење“, потенцираше меѓу другото премиерот Заев на премиерскиот панел на тема „Ресетирање на синергијата ЕУ-САД кон Западен Балкан“ на „Преспа форумот за дијалог“ во Охрид.
Премиерот Заев во таа насока истакна дека е уверен дека транс-атлантските врски мора да бидат трансформативни, со цел да се обезбеди одговори на кој било предизвик со кој сите ќе се соочиме во иднина. И овој одговор треба да биде едногласен, силен, стабилен, брз и одлучувачки, рече Заев.
„Неодамнешниот успешен самит на НАТО, со усвојување на стратешкиот документ НАТО 2030, повторно се посветуваме на основните принципи на Алијансата и партнерството со политички активности и практични алатки. Еден ден подоцна, по Самитот на НАТО, Самитот ЕУ-САД докажа дека овие транс-атлантски врски треба да бидат посилни, стабилни, ефективни, инклузивни и со редовен дијалог и поставување заедничка транс-атлантска агенда за ерата после КОВИД-19“, нагласи премиерот Заев.
Светот значително се промени, продолжи тој, и додаде дека треба да можеме да се прилагодуваме на промените и да го правиме тоа брзо и дека секоја криза со која се соочуваме треба да се искористи како можност за зајакнување на овие врски, а една од нив е секако проширувањето на ЕУ сo земјите од Западен Балкан, процес кој силно го поддржува и САД.
„Морам да кажам дека минатата година, по одлуката во март 2020 година, да започнат преговори со Северна Македонија, за жал, поради непринципиелната позиција на нашиот сосед Бугарија, првата меѓувладина конференција не се одржа“, рече претседателот на Владата, Зоран Заев.
Северна Македонија, потсети премиерот Заев, со посетата на Софија пред неколку недели направи исчекор, но за жал, и покрај јасните и недвосмислени пораки од целата меѓународна заедница, дека сега е време да се направи чекор напред, нашите бугарски колеги не успеаја да соберат доволно сила и глас за почетокот на преговорите на Северна Македонија во ЕУ.
„Без оглед на нашите воздржани очекувања, одлуката на ЕУ да не ја закаже првата меѓувладина конференција беше големо разочарување и за Северна Македонија и за Албанија. Тоа беше огромен неуспех во политиката на проширување на ЕУ и многу лоша порака за целиот регион. ЕУ не го исполни ветувањето“, заклучи во тој дел премиерот Заев.
За одлуката на ЕУ да не одобри старт на преговори за Албанија и Северна Македонија, премиерот на Албанија Еди Рама на панелот истакна дека двете земји продолжуваат уште поангажирано понатаму во регионот со нов интензитет, без да бидеме во депресија или фрустрирани заради одлуката на ЕУ.
„Ние го одбравме овој пат затоа што тоа е единствениот пат за Албанија и за Северна Македонија. Тоа не е процес во кој ги ставате на брод двете земји и ги упатувате кон Брисел. Тоа е процес во кој остваруваме стандарди, исполнивме критериуми за да отпочнеме преговори за членство и низ тој процес да бидеме подготвени за членство во ЕУ“, рече премиерот Рама.
Премиерката на Србија Ана Брнабиќ се надоврза дека земјите од регионот продолжуваат со реформите и со процесот на подготовки за почеток на преговори за членство во ЕУ.
„Бев среќна кога се спуштив на Охридскиот Регион и кога добив порака дека немам трошоци за роаминг. Тоа е огромна придобивка за граѓаните. Така тие најдобро чувствуваат кога правиме нешто за нив. „Преспа форумот за дијалог“ е одлична идеја што го слави Договорот од Преспа кој не поучи да се свртиме кон иднината“, потенцираше српската премиерка Брнабиќ.
На премиерскиот панел на тема „Ресетирање на синергијата ЕУ-САД кон Западен Балкан“ свое обраќање имаше и премиерот на Косово, Албин Курти кој порача дека граѓаните од сите земји на Западен Балкан треба да имаат трпение и да ја одржуваат надежта за нивна интеграција во ЕУ затоа што немаат друга алтернатива.
„Во следните 4 години имаме добра шанса затоа што САД има претседател кој го познава регионот и затоа што го најави својот интерес за враќање во Европа и во регионот“, рече премиерот на Косово, Курти.
Зоран Тегелтија, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина од своја страна истакна дека и покрај разочарувањата од одлуката на Брисел да го одложи проширувањето со земјите членки на Западен Балкан, во Босна и Херцеговина останува највисоко меѓу приоритетите на граѓаните членството во ЕУ и НАТО.
Во очекување на одлуките од Брисел, рече Тегелтија, регионалниот „Шенген“ е опцијата која може да му даде многу предности на регионот и на Босна и Херцеговина.
На пладневниот премиерски панел на тема „Ресетирање на синергијата ЕУ-САД кон Западен Балкан“ на „Преспа форумот за дијалог“ зборуваа и министерот за надворешни работи на Полска, Збигњев Рау и сојузниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг, кои потенцираа дека очекуваат дека соработката меѓу САД и ЕУ ќе ги направи многу попредвидливи настаните и процесите во Европа, а тоа го вклучува и интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ.
Во завршницата на панелот се обрати и генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу која информираше дека и покрај разочарувачките пораки од Брисел со кои се успорува проширувањето на ЕУ, откако започнаа процесите иницирани од Берлинскиот процес за поголема регионална соработка, високата поддршка за ЕУ меѓу граѓаните од Западен Балкан порасна за дополнителни 6 проценти.
Таа уште додаде дека високи 70% од граѓаните од регионот сметаат дека соработката меѓу соседите и зајакнувањето на соработката на Западен Балкан е вистинскиот пат за постигнување на стандардите на ЕУ и за забрзување на евроинтеграциските процеси во земјите од регионот.
Премиерот Заев: Заедничкиот ангажман на САД и ЕУ на Западен Балкан е од суштинско значење
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска претседаваше со премиерскиот панел на тема „Ресетирање на синергијата ЕУ-САД кон Западен Балкан“, која што се одржа како пладневна сесија на „Преспа форум за дијалог“ во Охрид.
На панелот со свои обраќања на темата зедоа учество и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, премиерот на Косово, Албин Курти, премиерот на Албанија, Еди Рама, претседавачот на Советот на Министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, министерот за надворешни работи на Полска, Збигњев Рау, сојузниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг и генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу.
Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:
„Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан“ покажува колку е важна трансатлантската синергија за нас на Западен Балкан, за која претходно разговараа претседателите, а сега и ние премиерите, придружувани од министрите за надворешни работи.
Некој го нарекува „Ресетирање“, некој го нарекува „Враќање“, но јас се осмелувам да кажам дека ни треба „Трансформирање“ на транс-атлантските односи.
Пред пет години, бевме сведоци на тоа како започнаа да слабеат овие транс-атлантски односи, кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп започна да ги повлекува САД од „Парискиот договор“, СЗО, и заканувајќи се дека ќе ги напушти Обединетите нации и НАТО, исто така. Тоа беа тешки денови за либералните демократии. За западните демократии.
Од друга страна, Европската Унија во овие околности, без едногласие и без одговор на овие обиди, дополнително го зголеми стравот дека транс-атлантските врски, испрекинати какви што беа, ќе ја намалат безбедноста и стабилноста во ранливите региони.
Кога станува збор за Западен Балкан, едно е многу сигурно. Кога транс-атлантските врски се силни, Западен Балкан е силен и стабилен, а кога овие врски се слаби, Западен Балкан станува сè послаб.
Затоа, силно тврдам дека транс-атлантските врски мора да бидат трансформативни, со цел да одговориме на кој било предизвик со кој сите ќе се соочиме во иднина. И овој одговор треба да биде едногласен, силен, стабилен, брз и одлучувачки.
На неодамнешниот Самит на НАТО, имав чест да ја претставувам својата земја, Северна Македонија, за прв пат како полноправна членка. Ние го цениме нашето место на масата, еднакви на сите.
Оваа година славиме 30 години независност и среќен сум што можам да кажам дека на нашата триесетгодишнина од независноста се слави како триесетта членка на НАТО.
Исто така, чест ми е што имав можност да го исполнам сонот на многу генерации граѓани на Северна Македонија.
Членството во НАТО беше реализација на нашата стратешка цел и тоа е меѓу нашите најголеми достигнувања во надворешната политика. Членството во НАТО е одраз на нашиот суверен избор и сведоштво за нашата силна меѓупартиска и општествена цел да станеме целосно интегрирани во евро-атлантското семејство на нации.
Денес, Северна Македонија ја подобри безбедноста и стабилноста, како и регионот на Западен Балкан. Ние сме посветени на визијата за Балканот во 21 век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економски придобивки и просперитет на сите граѓани.
Тоа беше можно заради „Договорот од Преспа“. Тоа беше можно заради „Охридскиот рамковен договор“. Тоа беше можно поради „Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија“.
Тоа беше можно затоа што имавме поддршка и од партнерите во ЕУ и од САД.
Неодамнешниот успешен самит на НАТО, со усвојување на стратешкиот документ НАТО 2030, повторно се посветуваме на основните принципи на Алијансата и партнерството со политички активности и практични алатки.
Еден ден подоцна, по Самитот на НАТО, Самитот ЕУ-САД докажа дека овие транс-атлантски врски треба да бидат посилни, стабилни, ефективни, инклузивни и со редовен дијалог и поставување заедничка транс-атлантска агенда за ерата после КОВИД-19.
Светот значително се промени. Треба да можеме да се прилагодуваме на промените и да го правиме тоа брзо. Секоја криза со која се соочуваме треба да се искористи како можност за зајакнување на овие врски.
Нашата втора стратешка цел е полноправно членство во Европската Унија!
Морам да кажам дека минатата година, по одлуката во март 2020 година, да започнат преговори со Северна Македонија, за жал, поради непринципиелната позиција на нашиот сосед Бугарија, првата меѓувладина конференција не се одржа.
Пред две недели, јас предводев делегација на Владата на Северна Македонија во Бугарија, со отворен ум и подавање на раце за помош и за решение, но повеќе со подготвеност да направам чекор во позитивна насока со Република Бугарија.
Иако направивме заеднички позитивен чекор, за жал, и покрај јасните и недвосмислени пораки од целата меѓународна заедница, дека сега е време да се направи чекор напред, нашите бугарски колеги не успеаја да соберат доволно сила и глас за почетокот на преговорите на Северна Македонија во ЕУ.
Без оглед на нашите воздржани очекувања, одлуката на ЕУ да не ја закаже првата меѓувладина конференција беше големо разочарување и за Северна Македонија и за Албанија. Тоа беше огромен неуспех во политиката на проширување на ЕУ и многу лоша порака за целиот регион. ЕУ не го исполни ветувањето.
Како што рековме, и премиерот и мојот драг пријател Еди, и јас: Европската Унија може да постави интегративни задачи, рокови, датуми. Сепак, ЕУ не може да ја утврди ниту нашата локација што е во срцето на Европа, ниту нашата култура и нашиот европски идентитет, ниту да ја оспори иднината на нашите народи како европски нации во европското семејство, во европските земји, имајќи европски политички, институционални и економски стандарди.
Западен Балкан е Европа!
Како што реков претходно, колку што транс-атлантските врски се посилни и стабилни, Западен Балкан е посилен, стабилен и просперитетен. Заедничкиот ангажман на САД и ЕУ на Западен Балкан е од суштинско значење.
Европската Унија мора повторно да се најде себеси, да се врати на своите корени. Да се врати на Шуман и Аденауер.
Конечно, во духот на оваа тема денес и важноста на обновените и стабилни транс-атлантски врски, би сакал да завршам користејќи ги зборовите на претседателот Бајден, велејќи „Америка се врати“, ќе додадам на тоа „Западен Балкан се врати и ЕУ треба да се врати“ за да можеме сите заедно да одиме напред.
Ви благодарам!