Министерот Попоски се обрати на конференцијата на групата пријатели на сирискиот народ во Истанбул
Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, денеска во Истанбул, учествуваше на Втората конференција на групата Пријатели на сирискиот народ, на која имаше и свое обраќање.
Како што соопшти МНР, на Конференцијата, што ја отвори турскиот премиер, Таип Реџеп Ердоган, учествуваа претставници од повеќе од осумдесет земји и меѓународни организации.
Од Конференцијата се упати силна порака на солидарност и поддршка на сирискиот народ, со барање до сириските власти за итно запирање на насислтвата во земјата и мирна политичка транзиција.
Министерот Попоски, во своето обраќање, ја нагласи принципиелната позиција на Република Македонија, како одговорен член на меѓународната заедница, за цврста поддршка на напорите на Обединетите нации и Арапската лига за мирољубиво решавање на сириската криза. Воедно, даде подршка на Мировниот план од шест точки на Кофи Анан и ги повика сириските власти за негова итна и целосна имплементација и ставање крај на насилствата.
На крајот од своето излагање, министерот Попоски истакна дека политичкото решение за кризата и демократската транзиција е во интерес на сирискиот народ, но, исто така, и во интерес на регионалната стабилност и глобалната безбедност
На маргините на Конференцијата, министерот Попоски оствари повеќе кратки средби со претставници од други земји, меѓу кои, одвоена средба и со министерот за надворешни работи на Романија, Кристијан Диаконеску. На средбата со неговиот романски колега, беа разменети мислења за политичките и економските односи меѓу двете земји, како и за прашањето за европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија.
Министерот Попоски информираше за текот на реформските процеси и за отпочнувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската комисија.
Министерот Диаконеску ја истакна целосната поддршка на Романија во контекст на членството на Република Македонија во НАТО и во ЕУ.