Николовски: Вложуваме во рамномерен регионален развој за подобри услови за живот на граѓаните, за подобар животен стандард и економски развој

Денеска заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, беа на локацијата кадешто започнува изградбата на пристапниот пат до Градските гробишта во Крива Паланка.

 Изведбеното решение предвидува модерен проект, со изградба на потпорни ѕидови, изградба на тротоар за пешаци, како и паркинг простор од бекатон плочки. Инвестицијата е во износ близу 11 милиони денари.

Реализацијата на овој проект е преку Министерството за транспорт и врски, односно преку владиниот проект за „Изградба и рехабилитација на локални патишта“, финансиран преку поволен заем од Светска банка, а наменет за поддршка на општините и Градот Скопје, за изградба и санација на локални патишта и улици.

„Посветено работиме на квалитетно подобрување на локалната патна инфраструктура, во секоја општина подеднакво. Вложуваме во рамномерниот регионален развој преку проекти кои значат подобри услови за живот на граѓаните, подобар животен стандард и економски развој. Денеска, тука во Крива Паланка, го означуваме почетокот на уште еден инфраструктурен проект, кој е од витално значење на жителите на овој град. Со ставањето во функција на пристапниот пат, граѓаните на Крива Паланка, конечно ќе добијат соодветен и модерен пристап до градските гробишта“, изјави вицепремиерот Николовски.

Министерот Бочварски посочи дека со засилена динамика продолжува реализацијата на еден од најважните проекти наменет за општините, проектот „Поврзување на локални патишта“.

„Инвестираме во реконструкција и во нова патна инфраструктура за побрз развој на општините, но и за подобро урбано живеење на нашите граѓани.

Оваа формула за финансирање на локалните патни проекти коишто се суштествени за општините се одличен доказ за соработката, но и за помошта која Владата и Министерството за транспорт и врски им ја вбризгува како помош на локалните самоуправа“, изјави министерот Бочварски.

Градоначалникот Мицевски изјави дека во Крива Паланка во континуитет се работи на подобрување на локалната и регионалната патна мрежа.

Преку Програмата на распределба на средства од концесијата на ТАВ, Крива Паланка ќе добие над 28 милиони денари финансиска поддршка за уште три клучни проекти.

Околу 10,3 милиони денари се предвидени за изградба на улицата „Вршачка” во населбата Долно Грамаѓе, за што општината веќе го потпиша договорот со Владата.

Преку истата Програма планирани се реконструкции на улици во населбите Чивлик и Мизовски ливади. Станува збор за инвестиции, кои се важни за олеснување на пристапот на граѓаните до своите домови и гравитацијата кон централното градско подрачје.