Новаци ќе добие нова спортска сала
Со поставување камен-темелник денеска во општина Новаци, Битолско, почна со изградба спортска сала за потребите на Основното училиште „Славко Умбарковски“.
Премиерот Никола Груевски, кој присуствуваше на отпочнувањето со градба на овој објект, истакна дека првпат воопшто во ова населено место ќе се изгради училишна спортска сала која е дел од владиниот проект за изградба на 145 училишни спортски сали во цела Република Македонија.
- Овој проект започнавме да го реализираме поради фактот што и во 21. век голем број училишта и населени места во нашата земја воопшто немаа сопствена сала. Илјадници и илјадници ученици своите часови по физичко воспитување ги држеа под отворено небо, во училници или во несоодветни простории. Ние решивме да ставиме крај на таквите состојби. Започнавме со изградба на сали по цела Македонија. Не 10, не 20, не 30, туку 145 училишни спортски сали за сите училишта низ Македонија каде што е можна нивна изградба, истакна премиерот Груевски.
Салата ќе биде опремена со најмодерна спортска опрема и ќе биде оспособена за повеќе видови спортови. Објектот ќе и биде отстапен на Општина Новаци и во неа ќе можат да спортуваат, покрај учениците од училиштето и спортски клубови, спортисти и други кои сакаат да се рекреираат.
Тој најави дека, покрај оваа сала, се планира изградба и на едно повеќенаменско спортско игралиште, а меѓу другото ги спомна и инвестициите во инфраструктурата во оваа област. Досега, посочи, изградени се патот Новаци - Рибарци и патот до Орехово, а набрзо ќе се градат и патиштата до Мегленци, како и повеќе други локални патни правци. Од останатите досега реализирани инвестиции потсети на регионалниот водовод кој ги поврзува Добромери, Горно и Долно Адларци и Долговевци, како и реконструкцијата на секундарната водоводна мрежа во овие населени места која ќе следи.
Министерот за образование и наука Панче Кралев соопшти дека спортската сала ќе биде со површина од 650 метри квадратни, комплетно опремена со спортски помагала, соблекувална, тушеви и други помошни простории со што ќе бидат задоволени потребите за групни спортови како кошарка, одбојка и мал фудбал, но и за гимнастички вежби. Изградбата на салата ќе чини 24 милиони денари, а средствата се обезбедени од Буџетот на Република Македонија и заем од Банката за развој при Советот на Европа.
- Спортот уште од најмлада училишна возраст претставува реална потреба за правилен физички развој што е вистински темел и за остварување врвни спортски резултати, а гледано од поширок социолошки аспект училишниот спорт како здрава содржина е и ефикасно превентивно средство против денешните пороци кај младата генерација. Заложбите на Владата и на Министерството се здрава и ефикасна млада популација. Затоа Министерството продолжува да инвестира во обнова, реконструкција и доопремување на училишните спортски сали и несоодветните училишни објекти, рече министерот Кралев.
Градоначалникот на Новаци Лазар Котевски истакна дека новата сала, која треба да биде готова за седум месеци, ќе ја користат над 300 ученици од Новаци и од околните села, како и граѓаните на општината. Подвлече дека таа ќе биде од големо значење особено за младите со оглед дека во овој регион спортот има долга и успешна традиција.
Премиерот Груевски попладнево ќе ги посети и општините Битола, Могила и Демир Хисар.
За време на посетата во Могила, заедно со министерот Кралев, ќе присуствува на поставување камен-темелник на училишни спортски сали во основните училишта „Славко Лумбарковски“ и „Гоце Делчев“. Во Демир Хисар, двајцата ќе присуствуваат на пуштањето во употреба на училишна спортска сала во Средното општинско училиште „Крсте Мисирков“.
Премиерот Груевски ќе го пушти во употреба и локалниот пат село Долно Оризари - Карамани - Трн во општина Битола.