Владина делегација предводена од министерката за одбрана Радмила Шекеринска, придружувана од државниот секретар Драган Николиќ и надворешниот соработник на претседателот на Владата, Драган Василевски оддадоа почит и положија венци цвеќе пред комплексот „Карпалак“ во центарот на Прилеп, каде се одржа централното одбележување на две децении од загинувањето на прилепските бранители и каде оддадоа почит и положија цвеќе бројни делегации, бранители и претставници на дипломатскиот кор.
На 8 август 2001 година на автопатот Скопје-Тетово во близина на селото Групчин кај месноста Карпалак од заседа беше нападнат конвој на Армијата, при што загинаа десет армиски припадници.
Во чест на загинатите резервисти: Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски, Веби Рушитоски, Марко Деспотоски, сите од Прилеп и прилепско, беше одржана и панихида во цркавата „Св. Петка“ во населбата Точила во Прилеп.
Драган Василевски, надворешниот соработник за одбрана на претседателот на Владата, Зоран Заев по повод 20-годишнината од загинувањето на армиските резервисти кај месноста Карпалак во воениот конфликт во 2001 година, утринава положи венец на споменикот на загинатите бранители кај месноста Карпалак.
Чествувањето на споменот и одбележувањето на 20 години од смртта на армиските резервисти пред две децении, во Прилеп започна вчера со положување свежо цвеќе на споменикот во прилепската касарна „Мирче Ацев“ и на споменикот во село Лениште, како и со вечерна богослужба во манастирот „Св. Петка“.