Денеска во Владата на Северна Македонија во организација на премиерот Зоран Заев се одржа координативен состанок со сите вклучени чинители во големата хуманитарна меѓународна мисија за спасување на цивилно мирољубиво население од Авганистан.
Премиерот Заев во лично име и во име на Владата изрази огромна благодарност до сите организации и институции кои се вклучени во оваа глобална живото-спасувачка мисија во која Северна Македонија се вклучува како предводник заедно со неколку земји од регионот и со своите сојузници од НАТО, a со која се евакуираа сите македонски граѓани од територијата на Авганистан и со која се спасуваат граѓани од локалното население од демократските мисии во земјата.
Владата на Република Северна Македонија до овој момент презеде обврска за прифаќање на околу 650 граѓани, локално население од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.
Премиерот Заев ги информираше присутните дека последното прифатено барање за обезбедување помош е дадено на Меѓународната федерација на новинари (IFJ) и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, за прифаќање 15 новинари, медиумски работници и членови на нивните семејства, со што вкупната бројка на медиумски работници и членови на нивни семејства кои ќе бидат згрижени во нашата земја ќе достигне над 80.
„Нашата држава и нашето општество имаат и капацитети и начин на организираност и високо изразено чувство за солидарност и сите ние заедно ќе покажеме и пред демократските пријатели од Авганистан, и пред целиот свет и пред себеси дека во ваквите кризни хуманитарни ситуации не постои поинаков одговор освен веднаш да се помогне со сите капацитети на располагање – спасуваме миротворно население кое 20 години ја негуваше демократијата во Авганистан и кои беа помош и поддршка и на нашата Армија во мировните мисии таму”, рече премиерот Заев за време на координативниот состанок.
Министерството за надворешни работи информираше дека во овој момент сите македонски граѓани се безбедно евакуирани од Авганистан и дека се очекува многу скоро да пристигнат дома во Северна Македонија.
Министерството за внатрешни работи информираше дека ја обезбедува сигурноста на македонските државјани, но и на авганистанските државјани кои влегуваат во земјата од хуманитарни причини. МВР ги презема сите потребни активности кои се однесуваат на граничното работење, преминот на државната граница и останатите аспекти за регулирање на статусот и престојот на оваа категорија на лица во нашата држава.
На состанокот од страна на претставниците на Црвениот Крст беа презентирани плановите за прифаќање и помош на граѓаните кои се очекува да пристигнат во следните денови.
Црвениот крст заедно со останатите меѓународни организации ќе обезбедат соодветни информации, превод и комуникација со лицата согласно нивните потреби, основни средства и пакети за хигиена, како и задоволување на сите медицински потреби на лицата во координација со Министерството за здравство, како и средства за комуникација и одржување на работните потреби на луѓето, рекреативни активности и активности за целокупна поддршка на луѓето и децата во овој период.
На состанокот се разгледаа сите оперативни аспекти во врска со привременото сместувањето на лицата во хотели и мотели, до трансферот до нивните крајни дестинации како што се САД или трети земји, за што трошоците ќе бидат покриени од меѓународните организации.