Бочварски: Експресниот пат од Градско до Прилеп интензивно се гради и на двете фази

„Владата инвестира 64 милиони евра за изградба на експресниот пат од Градско до Прилеп, кој се гради интензивно.
Ова е проект на кој Владата му дава приоритетно значење.“ – истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски при денешната работна посета во општина Прилеп.

Тој со директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јовановски, и со пратеникот Миле Талески, извршија увид во градежните активности на втората фаза од експресниот пат Градско - Прилеп, на потегот Дреново – Фаришка клисура.

Експресниот пат Градско-Прилеп се гради во 2 фази.
Првата фаза ја опфаќа делницата од Градско до Дреново, во должина од 15,5 км.
Втората фаза е од Дреново до Фаришка клисура, во должина од 10 километри, која ќе биде со ширина од 12.4 метри во првите 5 км и 17 метри во останатите 5 километри од делницата. Крајниот рок за завршување е јули 2023 година.

„Вредноста за изградба на втората фаза е 33,3 милиони евра. Претходно беа реализирани 35 проценти, а сега новиот изведувач компнијата Синохидро има обврска да го доизгради преостанатиот дел.  
Крајниот рок е месец јули 2023 година, но моите очекувања се дека тоа може да се случи и порано пред рокот. Особено ми е драго што и на првата фаза изведувачот работи со максимално темпо.“ – изјави Бочварски.

Директорот на ЈП за државни патишта, Рустеми, рече дека Коридорот 10 е еден од поважните меѓународни патни правци и затоа во овој период се интензивираат градежните активности на кракот Д.
„Во моментов се изведуваат припремни работи, односно пристапни патишта, механичарски и армирачки работилници и технички постројки. Ширина на делницата Дреново-Фариш е променлива.
5 км се со асфалтна платформа од 12,4 метри што одговараа на експресен пат, а преостанатите 5 км се со платформа од 17 метри што одговара на автопат со намалена ширина. На само 10 километри растојание во овој појас се градат два тунела, 21 мост, 5 подвозници, 11 потпорни ѕидови, еден кружен тек на локалниот пат со клучка кај Дреново и еден вијадукт, што говори за каков тешко пристапен терен станува збор.“ – изјави директорот Ејуп Рустеми.

Градоначалникот на Прилеп, Јовановски, во својата изјава потенцираше дека експресниот пат е од големо значење за сите граѓани на Пелагонискиот регион, пред се за зголемен економски развој на овие општини, дополнително, ќе го скрати времетраењето на патување кон главниот град на земјата, но уште поважно, дека ќе се зголеми безбедноста на граѓаните при патувањето на овој патен правец.

Министерот Бочварски и градоначалникот Јовановски претходно извршија и увид во градежните активности на улица „Мице Козар“ во Прилеп, улица која се реконструира преку Проектот за поврзување на локални патишта. При посетата најавија и дека во трета фаза од Проектот ќе се работи и на рехабилитација на улицата „Леце Талески“, инвестиција од 51 милиони денари.