Пендаровски и Џафери на свеченоста по повод 30 години независност: Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни за нејзината перспектива

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски во своето обраќање на централната свеченост по повод 30-годишнината од независноста, истакна дека самостојноста не нѝ е подарена од никого, туку е дело на многу генерации водени од идеалот за слободна и своја држава.
 
Пендаровски нагласи дека континуитетот, но и концептот на државата е јасно впишан и во клучните документи на трите Илиндени: Крушевскиот манифест кој декларира соживот меѓу еднаквите, Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија од Св. Прохор Пчински и Декларацијата за сувереност и ја потврдуваат визија на основачите за демократска република, втемелена врз сите меѓународни документи и принципи за човековите права и слободи.
 
Претседателот на државата Пендаровски потсети дека во завршната етапа, независноста беше стекната во исклучително сложени геополитички и безбедносни околности, на крајот на Студената војна и на почетокот на крвавиот распад на југословенската федерација.
 
„Во овие триесет години сите имавме прилика да потврдиме една вистина, една реалност, а таа е дека опстојот и просперитетот на нашата независна македонска држава зависат од два процеси: од внатрешната инклузивност и од надворешната интегрираност. Мултиетничкиот соживот и вековната традиција на почитување на различноста се нашата најголема вредност и тоа не е така само во пишаните документи со кои ќе се фалиме пред светот, за тоа постојат многубројни примери во нашето секојдневие каде што и радоста и тагата луѓето еднакво ја делат независно од нивната вера или нација“, подвлече претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски од говорницата.
 
Пендаровски истакна дека уште на самите почетоци на независноста, сите релевантни политички и општествени субјекти постигнаа општ консензус околу неопходноста од членство во Северно атлантската алијанса и во Европската економска заедница.
 
„Освен што ја јакнеа меѓуетничката кохезија, евроатлантските интеграции ги помируваа и политичките противници. Интеграциските процеси беа, и сѐ уште се, и мотив и средство за достигнување на европските стандарди на живеење во многу области. Земени заедно, внатрешната инклузивност и надворешната интеграција се клучните оски за долгорочна стабилност и просперитет на нашата држава. Северна Македонија може да напредува само ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина, и ако е целосно интегрирана во западната заедница на народите“, потенцираше претседателот Пендаровски во делот на остварувањето на нашето членство во НАТО и преговорите со ЕУ.
 
Пендаровски нагласи дека во перспектива Северна Македонија ја гледа како земја во која се обезбедени сите услови младите генерации да останат во земјата и тука да живеат, да работат и создаваат иднина.
 
„Република Северна Македонија треба да ја градиме како држава во која владеењето на правото ќе биде без алтернатива. Да вложуваме во квалитетно образование што ќе ги подготви младите да се вклучат во глобалната дигитална револуција. Да инвестираме во здравствен систем што ќе се грижи за здравјето на граѓаните, вреднувајќи го трудот на здравствените работници. Да го негуваме културното и историско наследство и да вложуваме во новата генерација артисти кои не се подолу од врвните во светот. Да градиме држава во која сите нејзини граѓани ќе чувствуваат дека имаат еднакви права и можности, држава без привилегирани и потчинети, без домаќини и гости. Солидарно и хумано општество што ќе го гарантира достоинството и на најранливите и на најслабите негови членови“, издвои, меѓу другото, претседателот Пендаровски во овој дел од своето обраќање.
 
Денес, кога го празнуваме континуитетот на трите наши Илиндени, подвлече претседателот на државата, не треба да изгубиме од предвид дека да се има сопствена, независна држава е голема привилегија, но и голема одговорност.
 
„Ние немаме резервна татковина. Ова е нашиот единствен, заеднички дом и тој ќе биде пристојно место за живеење само доколку секој од нас го вложува во него својот труд и својата совест. При тоа, се разбира дека одговорноста е најголема кај оние кои ја добиваат честа да ја водат општината, градот, владата или државата. Апсолутно сум убеден дека ако секој од нас се вложи за таа кауза до крај, беа остаток, беа калкулации, тогаш ќе имаме држава со која сите ќе се гордееме“, нагласи во завршницата на своето обраќање на централната свеченост по повод 30-годишнината од независноста претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски.

 
Претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери во видеообраќањето на овој свечен настан истакна дека кога граѓаните гласаа за независност на референдумот во 1991 година гласаа за еден долг пат и дека го преземаат најприродниот чекор за државата, за граѓаните, за младите и децата - иднината на Републиката.
 
„На патот на нашето растење и созревање, воедно и опстојување како држава, се соочувавме со многу предизвици кои не научија дека еднаш добиена држава, не значи и засекогаш гарантирана држава, напротив, значи дека секој нов ден е благослов, и дека секој нов ден е можност и шанса да научиме повеќе за тоа како да живееме заедно, да мислиме исто, да ја чуваме татковината и да делуваме сите заедно и сплотени во иста насока, токму така како што и се очекува од одговорни граѓани, храбри политичари – визионери, кои знаат во секој миг што е најдоброто за иднината и опстојувањето на земјата“, потенцираше претседателот на Собранието Џафери.
 
Џафери се задржа на 2001 година како тежок предизвик кој граѓаните на земјата и политичките лидери го надминаа со потпишување на Охридскиот рамковен договор кој оваа година бележи полни 20 години и кој беше основа за трансформација во функционално мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество, држава на рамноправни граѓани во која се почитуваат индивидуалните и колективните човекови права, дом еднаков за сите граѓани, без разлика на етничката, верската, родова и каква било друга припадност, позитивен пример за регионот и светот.
 
„Остварувањето на полноправното членство во воено-политичкиот сојуз на НАТО е огромен успех, којшто воедно значи и безбедност на нашите граѓани и на територијалниот интегритет. Тоа го постигнавме со Преспанскиот договор со кој храбро и мудро го надминавме деценискиот спор и излеговме од анахроните балкански рамки, преобразувајќи се во фактор на стабилност во нашиот симптоматично сензитивен регион.

Нашата втора стратешка цел, почнувањето на преговорите за членство во Европската Унија се наоѓа повторно во статична точка за која се надевам дека во периодот што следи ќе има поместување во позитивна смисла и ќе можеме да учествуваме на првата меѓувладина конференција со Европската Унија“, нагласи претседателот на Собранието Џафери.
 
Претседателот на Собранието Џафери се задржа и на актуелните предизвици со кои се соочува државата како што е пандемијата со КОВИД-19 и истакна дека и покрај големите предизвици низ кои поминавме, имаме сила, имаме волја, решителност и визија за тоа каде сакаме да ја видиме Република Северна Македонија, и каков дом посакуваме и градиме за нашите граѓани.
 
„Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Да градиме општество во кое сите ние, сега и во иднина ќе се чувствуваме рамноправни, почитувани, еднакви пред законот и правдата, едноставно, ќе се чувствуваме свои на своето, затоа што сите заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во држава во која почитувањето на човековите права и слободи е природно и универзално право без преседан. Заедно ќе се радуваме и ќе плачеме за сите победи и порази, за сите блескави и не толку блескави моменти, затоа што тоа е да бидеш едно, тоа е да бидеш заедно“, потенцираше на крајот од видеообраќањето во рамките на свечената програма за одбележување на 30-годишнината од независноста претседателот на Собранието Талат Џафери.