Над 90 проценти од Ромите бизнисмени не користат никава помош од државата
Само една петина или 20 проценти од бизнисмените од ромската заедница во Македонија членуваат во некоја асоцијација или здружение, а над 90 проценти не користат никаква помош од државата, покажува истражувањето на Ромскиот деловен-информативен центар.
Таквата состојба, според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, треба да се промени со поголемо информирање за програмите кои нудат поддршка за бизнисите и поактивно учество во бизнис организациите.
- Има програми со кои треба да се запознаете и од кои може да се искористат средства. Апелирам до членовите од ромската бизнис заедница да заземат поголемо и активно учество во организациите и бизнис здруженијата бидејќи тоа ќе биде во нивна корист, порача Пешевски пред учесниците на 7. Ромски економски и бизнис форум, што се одржува денеска во Скопје.
Владата, истакна Пешевски, настојува да ги ублажува ефектите од рецесијата во Европа, и постојано поддржува проекти за развој на сите заедници.
- Кај ромската популација образованието е клучен дел. Во тој поглед охрабрува фактот дека бројот на ученици Роми во основните, а особено во средните училишта се зголемува. Моментно Владата обезбедува 1.700 стипендии за Ромите средношколци, а во периодот 2012 - 2015 се очекува дека ќе стипендира околу 2.500 Роми средношколци на годишно ниво и за таа намена веќе се обезбедени и финансиски средства, рече Пешевски.
Тој укажа дека е особено важно да продолжат реформите на пазарот на труд со цел да се намали невработеноста кај ромската популација. На тоа се преземаат многу работи, но, истакна, треба уште повеќе. Во следниот период, најави, ќе бидат отворени уште два едукативни ромски центри, а ќе продолжат и обуките за вработување Роми.
Пешевски, прашан од учесниците на форумот какви се шансите да се отвори индустриска зона во Општина Шуто Оризари, информира дека моментно се подготвува закон за индустриски зони каде ќе се прецизира можноста општините да ги формираат тие зони, а ако има таква иницијатива Владата ќе ја поддржи.
- Во нашите закони формално правно гледано не се препознава терминот индустриска зона и тоа е можно само доколку има државно земјиште на таа територија. За таа немана сега подготвуваме закон за индустриски зони, со кој ќе се даде одредена флексибилност и можност на општините да ги формираат тие индустриски зони и не гледаме никава пречка зошто тоа да не се направи и во Шуто Оризари. Ќе помогнеме со изнаоѓање соодветни локации, а ќе видиме со законот каква државна помош ќе може да се даде. Ако има иницијатива како Влада ќе ја поддржиме, посочи Пешевски.
Учесниците на форумот дискутираа и за ефектите од проектот „Создавање приходи преку собирање пластика за рециклирање“, што се спроведе од април лани до март годинава. Со проектот 350 неформални собирачи на отпад посетуваа обука и добија заштитна опрема, на 15 собирачи им беа доделени трицикли за собирање, привремено складирање и транспорт на отпад од пластика, а со 145 се потпишани договори за организирано собирање ПЕТ. Вкупно 1.400 домаќинства и стопански објекти добија рамка за селектирање и собирање отпад од пластика и беа вклучени во организираното собирање.
На 7. Ромски економски и бизнис форум, покрај од Македонија, учествуваа стопанственици и од Србија, Бугарија и од Албанија.