Со 1,3 милиони евра средства од ЕУ ќе се финансира модернизацијата на Агенцијата за вработување
Модернизација на Агенцијата за вработување, зголемување на капацитетите на нејзините вработени со цел да можат да даваат поквалитетни услуги и да одговорат на барањата поврзани со пристапување кон ЕУ во областа на европската политика за вработување, има за цел проектот што официјално го промовираа денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија Аиво Орав.
- Очекувањата се дека со успешната реализација на овој проект ќе добиеме Агенција за вработување во вистинска смисла на зборот, не само регистратор на невработени лица, туку вистинска услужна агенција која ќе овозможи контакт на невработените со оние кои бараат работна сила, рече министерот Ристовски.
Тој додаде дека со претставниците од стопанскиот сектор веќе се разговара за тоа како да се воспостави подобра врска и како да се разменуваат информациите за потребите од работна сила и расположив кадар кој е регистриран во Агенцијата за вработување, рече тој.
- Во наредниот период треба да се воспостави систем со кој податоци за расположив кадар ќе биде ставен на располагање на компаниите за да се одговори на нивните барања, а ние ќе се обидеме да мотивираме да се образува кадар во струки кои се дефицитарни, рече министерот за труд и социјална политика.
Амасадорот Орав вели дека инвестирањето во луѓето и во нивните капацитети секогаш дава резултати. Од тоа мото, вели, се раководела и ЕУ која има посебна програма за развој на човечки ресурси во рамки на ИПА фондовите-компонента 4, од каде се обезбедени и средствата во висина од околу 1,3 милиони евра наменети за овој проект.
- Нацијата е богата колку што се богати луѓето. Државата не смее да се двоуми да вложува во нивното усовршување и унапредување со што ќе го подобри пристапот кон вработувањето ќе ги зголеми нивните капацитети и способности. На тој начин се осигурува и стабилност на пазарот на труд, рече Орав.
Според него, овој проект ќе ја модернизира и ќе и помогне на Агенцијата за вработување за зголемување на нејзината ефикасност и квалитетот на услугите што ги дава на луѓето што бараат работа и на оние што бараат работна сила.
Директорот на Агенцијата за вработување вели дека и досега се направени многу напори за зголемување на ефикасноста и оти и сега таа работи добро, но оти со овој проект капацитетите дополнително ќе се зајакнат за да можат да се справат со, како што рече, предизвиците кои ги носи новото време.
Активностите од проектот, рече, ќе ги подготви вработените во Агенцијата за предизвиците што ги носи економската криза, во изнаоѓање нови начини на намалување на невработеноста преку активни и пасивни мерки, но и за многу европски проекти кои ќе треба да се имплементираат во иднина.