„Денес има јасна антикорупциска политика во државата, за разлика од времето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ кога имавте јасна корупциска политика“, истакна премиерот Заев во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5 организирана како дуел со лидерот на опозицијата Христијан Мицковски.
Устоличениот и воспоставен систем на криминал и корупција во државата, рече Заев, беше причина да падне власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес е комплетна слобода и демократија, граѓаните денес се слободни да зборуваат за сѐ. Во заробената држава од ВМРО-ДПМНЕ слободата не беше присутна, не живееше меѓу нас“, истакна премиерот Зоран Заев.
Тој посочи дека денес Владата води транспарентни кампањи, политики, за борба против криминалот и корупцијата.
„Денес, секој е еднаков пред законот, денес нема некој кој е поштеден заради тоа што е близок со власта или да се гони само заради тоа што е од опозицијата. Денес секој одговора. Притоа, пресумпцијата на невиност е загарантирана, но доколку се докаже вината, личноста си одговара и си ја издржува казната. Денес имаме јасно воспоставена независност на правосудниот систем во државата. Денес 16 судии се разрешени од независен Судски совет. Денес се гонат сите тие кои не делат правда. Денес се гонат сите за кои што има допрен глас, каде што има докази без разлика дали е близок со некого“, потенцираше премиерот Заев.