Јанкулоска: Акцијата „Детонатор“ ќе продолжи и во наредните денови

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска информира дека продолжува полициската акција „Детонатор“ и оти се запленети нови 318 апарати за приредување на игри на среќа.

- Се работи за дополнителни 318 т.н. покер апарати кои се пронајдени на три локации во правни субјекти кои се регистрирани за друга намена. Без исклучок, сите 318 апарати се без лиценца, односно без платени давачки кон УЈП. Заедно со претходната заплена на повеќе локации во Крива Паланка и во Кочани, бројката достигна до 578 апарати за приредување на игри на среќа, рече Јанкулоска во Касарната Ѓорче Петров.

Правејќи споредба, нагласи  дека во едно од најголемите легални казина бројот на ваквите апарати е најмногу до 450. Продолжиле и активностите за детектирање на евентуална инволвираност на лица вработени во МВР.

- Во текот на изминатото деноноќие направен е разговор со 15 полициски службеници за кои, ако дополнително се утврди дека по било која основа помагале при извршувањето на кривичните дела ќе одиме со најригорозни мерки, зависно од прекршувањето, рече Јанкулоска.

Акцијата, како што потенцира, ќе продолжи и наредните денови, се испитуваат сите околности по однос на кривичните дела кои биле сторени и сите инволвирани.

 - Од првичната проверка на документација во ПС во Кочани, утврдено е дека во 36 случаи пријавите од страна на граѓани биле несоодветно евидентирание во службената евиденција. Во случаи каде имало примена на насилство, односно имало физички напад било евидентирано дека се работи само за поплака на граѓани. Полициските службеници кои постапувале по овие случаи ќе треба да дадат одговор кои биле причините заради кои тие одлучиле настаните пријавени од граѓани да ги пријават на начин кој не соодветствува на реалноста, рече Јанкулоска и додаде оти голем број граѓани се охрабриле да дадат изјава.

Оваа активност, посочи министерката, ја почнавме врз основа на дополнителни пријави на граѓани кои не биле задоволни од начинот на кој се постапувало по одредени нивни пријави во полициската станица во Кочани.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јанкулоска рече дека полициските службеници со кои е разговарано се на најразлични позиции, а највисоката позиција е командир на полициска станица кој е во пензија.

- Во случајов тој може да ја исклучи дисциплинската одговорност бидејќи веќе не е вработен кај нас, но ако има прекршување на законите, во никој случај не може да се исклучи секаква друга одговорност, рече Јанкулоска.