Шахпаска: Со новата Стратегија ја подигнуваме свеста кај работниците и работодавачите и ги зајакнуваме капацитетите во областа на безбедноста и здравјето при работа

Министерството за труд и социјална политика денеска одржа јавна презентација и расправа за нацрт – текстовите на новата  Стратегија за безбедност и здравје при работа 2021 – 2025 и новиот Акциски план за БЗР за периодот 2021-2023 година. 

Со Стратегијата за безбедност и здравје при работа се добиваат јасни насоки за приорите за дејствување за период од 2021 до 2025 година, а со Акцискиот план за период од 2021 до 2023, се утврдуваат  конкретни активности и мерки што треба да се реализираат за остварување на планираните стратешки цели во  системот за безбедност и здравје при работа.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска обраќајќи се пред присутните рече дека поголем ефект се постигнува со континуирани промотивни активности  за подигнување на знаењето и свеста кај работниците и работодавачите и стручните лица и дека ваквата заложба треба да биде бескомпромисна, затоа што ништо не е поважно од здравјето и безбедноста.

„Стратегијата  го отсликува токму тој пристап и токму тие вредности, преку неколкуте главни пораки кои се провлекуваат низ документот, „Да работиме сите заедно на креирање на безбедни и здрави работни места“ и  пораката „Секој има свое место и своја улога“. Колку безбедноста и здравјето на работното место се навистина важни и неопходни, ни покажа токму и оваа пандемија со која живееме еве веќе втора година. Сите работници, работодавачи, бизниси, институции, беа и сè уште се, на различни начини силно погодени од оваа здравствена криза. Заради превенција и заштита на здравјето, уште од почетокот на пандемијата, од работа беа ослободени хронично болните и бремените жени. Опасноста и превенцијата од зараза на работниците доведоа до голем број на промени во начинот на работа и адаптација на новите услови: работа од дома, работа од далечина, сменска работа, ротации на вработени“, рече Шахпаска.

При подготовката на стратешките документи и организацијата на Стратегијата и Акцискиот план за БЗР поддршка даде и Канцеларијата на Фондацијата “Friedrich Ebert” кој е долгогодишен партнер и поддржувач во процесите на подготвување и подобрување на законската рамка, подигнувањето на свеста и јакнењето на капацитетите во областа на безбедност и здравје при работа.

Во процесот учествуваат сите засегнати субјекти кои на различен начин се дел од системот за безбедност и здравје при работа. Тука освен  Министерството за труд и социјална политика се и Министерството за здравство, потоа Државниот инспекторат за труд, Институтот за медицина на трудот, Институтот за јавно здравје и Националниот совет за Безбедност и здравје при работа, како експертско советодавно тело на Владата, социјалните партнери, но секако и  невладините организации и здруженија на експерти од областа на БЗР.

По финализирањето на Стратегијата и Акцискиот план кој ги координира Министерството за труд и социјална политика ќе бидат доставени на разгледување и усвојување до Владата на Република Северна Македонија.