„Денеска се уверивме дека градежните работи на детската градинка при ЈОУДГ „8ми Март“ се завршени и наскоро, откако ќе ги мине пропишаните контроли и надзори ќе ги прими и првите деца", рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, при увидот на објектот во скопската населба Драчево.
Во градинката која е изградена според сите европски стандарди ќе бидат сместени 110 дечиња во шест занимални, од кои во две ќе бидат згрижени децата до две годишна возраст, а во останатите четири, деца до шест години.
Според министерката Шахпаска, градинката во Општината Кисела Вода е првата градинка во нашата земја која е изградена со керамичка вентилирачка фасада (фотокаталитична) која има својства за прочистување на воздухот, бидејќи на себе ги лепи штетните честички од амбиенталниот воздух, кои потоа преку измивање со дожд се отстрануваат од неа. Со ова, рече Шахпаска испочитувани се најсовремените стандарди за енергетска ефикасност.
„Со ваквите стандарди се создава поздрава околина не само за децата кои престојуваат во градинката, туку и за околината на објектот. И внатрешното уредување на просторот во кој ќе престојуваат децата е според најсовремените светски трендови кои овозможуваат учење и воспитување преку игра. Со новата градинка го решивме долгогодишниот проблем со кој се соочуваат и сегашните но и идните родители кои живеат во населбата Драчево, бидејќи најамалите жители на населбата освен што ќе бидат сместени во предучилишна установа каде се стекнуваат со своето прво образование, добиваат и целосен квалитетен развојот толку потребен за здравјето на децата. Токму здравјето на децата за сите нас е пред се и над се“, рече Шахпаска.
Според министерката, соработка со општините е многу важна бидејќи без активен, отворен и посветен приод нема успешно да бидат спроведени овие проекти. Таа рече дека денеска тоа се Општина Кисела Вода и градоначалникот Филип Темелковски, бидејќи на терен ја покажале грижата за развојот на заедницата и за унапредување на животот на своите сограѓани.
„Децата ја претставуваат иднината на едно општество. Како Општина, во претходниот мандат се обврзавме да инвестираме во нашите најмлади преку изградба и реновирање на градинките, опремување со реквизити за настава и игра, изградба на игралишта и катчиња за забава на децата, за да можат слободно да уживаат во нивното запознавање и дружење“, истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Темелковски.
Изградбата на оваа градинка е дел од севкупните социјални реформи кои ги спроведува Владата и министерството за труд и социјална политика, а е администрирана преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, финансиски поддржан од Светска банка. Преку овој проект 16 општини во земјава добиваат нови градинки или пак, преку градежни зафати се прошируваат капацитетите на веќе постојните.