АЕК ги намали големопродажните цени на Македонски телеком за фиксна телефонија и интернет
Агенцијата за електронски комуникации - АЕК од 1 мај годинава ги намали цените на фиксните големопродажни услуги на Македонски телеком за завршување на повик во фиксната телефонија, за пристапот до фиксна мрежа (разврзана локална јамка) и за широкопојасен интернет (битстрим).
Намалувањето на големопродажните цени за завршување на повик во фиксната телефонија е за околу 25 отсто, големопродажната цена за пристап до фиксна мрежа ќе се намали за скоро 37 отсто, односно од 331 на 210 денари, а намалувањењто на широкопојасните големопродажни услуги за интернет во просек ќе изнесува 27 отсто.
- Со тоа ќе се овозможи влез на нови оператори во Македонија, допонителна либерализација на телекомуслугите, како и нови фиксни, интернет и алтернативни оператори со цел граѓаните да добијат поквалитетни услуги за пониски и подостапни цени, рече министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на денешната прес-конференција.
Намалувањето на големопродажните цени, како што истакна директорот на АЕК Роберт Ордановски, индиректно ќе предизивика и намалување на малопродажните цени кои ги плаќаат граѓаните на Македонија, но и подобрување на канкуренцијата и влез на нови инвеститори на пазарот.
- АЕК во согласност со насоките дадени во Стретегијата од 2012 до 2016 година направи значително намалување на цените на големопродажните услуги на Македонски телеком што сметаме дека ќе придонесе за подобри услови за работа на алтернативните оператори и можност за влез на нови оператори на пазарот за електронски комуникации во Македонија, рече Ордановски.
Претходните цени, додаде, не овозможуваа влез на алтернативни оператори, а сегашните цени кои се најмали во Европа ќе овозможат услови за сериозен влез на алтернативни оператори во фиксната телефонија за нудење услуги од фиксниот говор и од фиксниот интернет со акцент на широкопојасниот интернет.
- На овој начин очекуваме мрежата на Македонски телеком да биде максимално искористена од алтернативни оператори кои со новите цени ќе имаат сериозен финансов показател да ја користат таа мрежа до крајните корисници. Воедно очекуваме да се развие пазарот на фиксна телефонија во Македонија и максимално да се либерализира, рече Ордановски.
Најави дека наскоро ќе има и нови цени за терминација во мобилната телефонија и додаде дека неделава на веб-страницата на АЕК ќе биде објавена финалната верзија на Стратегијата од 2012 до 2016 година во која детално ќе бидат опишани сите потези на АЕК во наредните пет години.