Македонските поети поместуваат граници

По повод 98-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, еден од основоположниците на македонската современа поезија, престижното италијанско списание за литература Нуови аргоменти (Nuovi argomenti) објави избор од девет песни од Шопов, во рубриката „Поетска работилница” (http://www.nuoviargomenti.net/poesie/sangue-abissale). 

Изборот, во препев на италијанската поетеса, Миа Леконт и македонската италијанистка, Анастасија Ѓурчинова, ги содржи следниве песни: „Грозомор”, „Има долу една крв”, „Песна”, „Обична улица”, „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор”, „Шестамолитва на моето тело”, „Деветта молитва на моето тело” и поемата „Долгодоаѓање на огнот”.

Списанието Нуови аргоменти е основано во 1953 година од страна на Алберто Моравиа. Во 1956 година му се приклучува Пјер Паоло Пазолини, кој ќе раководи со списанието од 1966 до 1980 година. 

Во тој период, особено доаѓа до израз соработката на младата италијанската писателка Дача Мараини, која станува член на раководното тело на редакцијата во 1990 година, а денес е одговорен директор на Нуови аргоменти.