Министерот Бесими во Пентагон на билатерални одбранбени консултации

Делегацијата од Министерството за одбрана предводена од министерот Фатмир Бесими вчера во Вашингтон учествуваше на годишните билатерални одбранбени консултации во Пентагон, со Селесте Валандер, заменик - помошник на секретарот за одбрана за Европа и Евроазија.

На консултациите било истакнато дека стратешкото партнерство помеѓу САД и Република Македонија е од голема важност во одбраната во смисла на одржување на стабилноста и на економскиот просперитет.

Годишните билатерални одбранбени консултации, стои во денешното соопштение од Министерството за одбрана, беа одлична можност за размена на мислења за достигнувањата во билатералната соработка помеѓу САД и Република Македонија, како и нивото на имплементација на одбранбените реформи, подготовките за членство во НАТО и придонесот кон мирот, безбедноста и стабилноста, во регионални и во глобални рамки. Притоа, во текот на консултациите е потврдена и одличната соработка помеѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт, соработка која доведе до интензивирање на заедничките иницијативи и проекти. Консултациите се однесуваа на билатералната соработка, регионалните иницијативи и интеграцијата во НАТО.

Во однос на билатералната соработка е констатирано и значењето на досегашната соработка и можноста за натамошно продлабочување. Разгледани се и можностите за идна соработка и поддршка на САД за одбраната на Република Македонија, како што се модернизација и развој на армискиот полигон „Криволак“ во регионален центар за вежби.

Министерот Бесими за членството во НАТО посочи дека од круцијално значење е политиката на отворени врати која што се поклопува и со стратегискиот приоритет на Република Македонија – интеграцијата во евроатлантските структури.

- Силен аргумент за нашата силна определба за чекорењето на патот кон целосно евроатлантско интегрирање се континуираните реформи и учеството во меѓународните мировни операции ИСАФ, КФОР, ЕУ АЛТЕА и УНИФИЛ“, истакна министерот Бесими.

Тој посочи дека активната партиципација во регионалните иницијативи и одржувањето добрососедски односи во регионот е од витално значење за државата. Пример за тоа, рече, се проектите на Јадранската група А5, етаблирани во духот на концептот „паметна одбрана“, кои во својата суштина се ефикасен механизам за промоција на регионално лидерство, соработка, менторство и градење доверба на патот кон целосно зачленување во НАТО. Споменати беа повеќе проекти меѓу кои и Школата за воената полиција на Авганистанската национална армија, иницијативата за Балкански регионален пристап кон воздушната одбрана – БРААД, регионалните тренинг центри, капацитетите за регионално цивилно планирање во случај на кризи, регионалната медицинска група. Притоа е истакната и потребата од регионална иницијатива на ниво на работна група за координација на проектите од концептот „Паметна одбрана“ за земјите од Југоисточна Европа, при што Македонија би ја презела улогата на регионален лидер во координација на оваа иницијатива.