Владата на Република Северна Македонија на денешната 7-ма редовна седница донесе одлука за намалување на периодот на изолација за лицата кај кои лабораториски е утврдено присуство на КОВИД-19 како и периодот на самоизолација/карантин на лицата кои биле во близок контакт со потврден случај со КОВИД-19.
Согласно овие препораки на лицата кои се лабораториски потврдени на КОВИД-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои не развиле симптоми на болест односно се асимптоматски случаи на КОВИД-19 им се одредува домашна изолација од седум дена од денот на тестирањето. По завршување на периодот на изолацијата, потребни се дополнителни три дена строго почитување на мерките за лична заштита (носење заштитна маска N95/FFP2 при престој во затворен простор со други лица или на отворено кога не може да се држи растојание од два метри, честа дезинфекција на раце, избегнување на групирање).
За лицата кои се лабораториски потврдени на КОВИД-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои развиле клиничка слика соодветна на вирусот, односно се симптоматски случаи да им се одредува изолација седум дена од денот на тестирањето плус три последователни денови доколку лицето е без покачена телесна температура.
Според овие промени, лицата кои имале блиски контакти на потврдени случаи на КОВИД-19 се упатуваат во домашна самоизолација/карантин во траење од седум дена од денот на последниот контакт со потврдениот случај, а по завршување на периодот на самоизолацијата/карантинот потребно е дополнителни три дена строго да ги почитуваат мерките за лична заштита.
Исклучок од мерката домашна самоизолација/карантин да има за оние лица кои исполнуваат еден од следните критериуми:
- Вакцинирани со КОВИД-19 вакцина со две или три дози, а од последната доза не поминале повеќе од шест месеци;
- Прележани со КОВИД-19, а позитивниот тест не е постар од шест месеци;
- Лицата кои се блиски контакти, а кои заради исполнување на горенаведените критериуми се исклучени од самоизолација/карантин, задолжително треба да ги почитуваат мерките за лична заштита во период од 10 дена од последниот контакт со потврдениот случај.
Датумот на последниот контакт со потврдениот случај се смета за нулти ден.
На денешната седница Владата донесе одлука наставата во основното и средното образование да продолжи со физичко присуство на учениците на 1 февруари.
Оваа одлука е донесена врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести и согласно препораките на УНИЦЕФ, а Владата повикува на доследно придржување и спроведувањето на протоколите за одржување настава со физичко присуство.