Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски во интервју за Националната радиотелевизија истакна дека Владата навреме започна да ја следи енергетската криза и веднаш презеде мерки за ублажување на последиците врз граѓаните.
„Уште во првата половина на минатата година го намаливме ДДВ-то на цената на струјата на 5%, и го регулиравме пазарот на мало за снабдување со електрична енергија и затоа немавме ценовен шок како што има во повеќето европски земји“, истакна премиерот Ковачевски.
Паралелно со овие мерки, додаде Ковачевски, во врвот на стратешките инвестиции ги ставивме енергетските проекти и за кратко време во земјата влегоа двете најголеми компании за обновливи извори на енергија, германската ПВД со ветерен парк со најголем капацитет во регионот, и „Акио Енерџи“ од Франција во соларен парк исто така најголем во регионот.
„Тоа ќе ја подобри енергетската слика во државата. На чекор сме до втората фаза на изборот на компанија за изведба на хидроцентралата Чебрен. Во втората фаза имаме 9 конзорциуми, сериозни компании кои претендираат да го реализираат овој Мегапроект. Јас ќе влезам во листата на премиери кои што ја започнале реализацијата на втората фаза на Мегапроектот хидроцентралата Чебрен“, рече во интервјуто на Националната радиотелевизија премиерот Ковачевски.
„Успеавме да го бајпасираме ударот во снабдувањето со електрична и топлинска енергија“, нагласи премиерот Ковачевски, со ставање во функција на сите можни капацитети во земјата кои беа надвор од употреба, како и со преземање на двете топлани и ТЕ-ТО која ги удвои капацитетите за дополнително производство електрична енергија.