Грковска-Форсгрен Бенгтсон: Ја продолжуваме одличната соработка, Шведска останува силен поддржувач на реформските цели на Владата и на интеграцијата во ЕУ

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Славица Грковска задолжена за политики за добро владеење, денеска, во својот кабинет ја прими амбасадорката на Кралството Шведска, Н.Е. Кристин Форсгрен Бенгтсон.

Амбасадорката Форсгрен Бенгтсон честитајќи и го мандатот на вицепремиерката Грковска ѝ посака успешна работа искажувајќи уверување дека нашата земја останува на агендата за развојна соработка на Шведска, со акцент на билатералната соработка меѓу двете земји во рамки на Договорот за развојна соработка помеѓу Република Северна Македонија и Кралството Шведска.
 

Шведската амбасадорка информираше и ја подвлече важноста на новата шведска Стратегија за развојна помош 2021- 2027 која ја вклучува и Северна Македонија.
 
Како главни полиња на идната билатерална соработка, амбасадорката ги издвои зајакнување на демократијата, почитувањето на човековите права и владеењето на правото.

Вицепремиерката Грковска заблагодарувајќи се на континуираната поддршка од Кралството Шведска во однос на остварување на нашите европски интеграции ги претстави приоритетните активности потенцирајќи дека во фокусот на нејзината работа е ставена поголемата координација и соработка на институциите, на партнерско ниво, со акцент на детектирање на слабостите и изнаоѓање соодветни решенија за нивно надминување.
 
Во оваа насока беше истакната потребата од професионалната јавна администрација поткрепена со интензивна дигитализација за обезбедување квалитетни услуги и бенефити за сите граѓани.
 
На денешната средба, соговорничките дел од времето посветија и на разговор за нивните лични определби и преземени практики за јакнење на свеста за унапредување и зајакнување на позицијата на жените во одлучувачките структури и политиката.