Министерот Бесими и секретарот за одбрана на САД Панета разговараа за стратешкото партнерство

Министерот за одбрана Фатмир Бесими со вчерашната средба во Пентагон со американскиот секретар за одбрана Леон Панета, ги заокружи годишните билатерални консултации во областа на одбраната на Република Македонија со владата на САД. 

Шефовите на одбраната, соопшти денеска Министерството за одбрана, разменија мислења за регионалниот мир и безбедност, напредокот на Македонија во имплементацијата на одбранбените реформи и нејзините тековни подготовки за членство во НАТО. Стратешкото партнерство меѓу САД и Република Македонија било истакнато како клучно за одржување на стабилноста во Југоисточна Европа.

Министерот Бесими и државниот секретар Панета дискутирале и за ситуацијата во Авганистан, каде што Македонија е петти по големина придонесувач по глава на жител во ИСАФ и дејствува како водечка сила во заштитата на штабот на НАТО/ИСАФ во Кабул. Македонскиот министер за одбрана ја изразил благодарноста на владата за пофалните зборови на секретарот Панета за вредните придонеси на македонските трупи во НАТО мисијата во Авганистан.

Бесими и Панета ја изразиле заложбата за политиката на „отворени врати“ на НАТО, со можност за членство на сите европски демократии кои ќе ги исполнат неопходните квалификации. Министерот Бесими, стои во соопштението, ја изразил подготвеноста на Република Македонија да придонесува во тековните и идните мисии на НАТО како членка на Алијансата.

На средбата биле разгледани и проекти кои би и помогнале на Република Македонија да се подготви за целосна интеграција во НАТО, меѓу кои, координацијата во рамки на А-5 Јадранската група, придонесот на Република Македонија во училиштето  за воена полиција за авганистанската национална армија, формирањето на Балканскиот регионален пристап кон против-воздушната одбрана (БРААД) и регионалното лидерство на државава во координирањето на проектите на „паметната одбрана“ во Југоисточна Европа.  

Инаку, министерот за одбрана Бесими допатува во Пентагон по два дена поминати во Вермонт, каде што ја поздрави соработката меѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда Вермонт, која тече веќе речиси две децении. 

Состанокот на Бесими со Панета следува по консултациите кои се одржаа минатата недела со Селест Валандер, заменик на помошникот на секретарот за одбрана за Европа и Евроазија.