Костадиновска-Стојчевска: Ние и добрите и лошите примери ги земаме како искуство за подобрување на годишните конкурси

„На корисниците што ќе се најдат во списокот на поддржани проекти, им пожелувам успешна и отчетна реализација“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која денеска ја одржа првата прес-конференција на која ги соопшти резултатите од „Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година“.

Резултатите се објавени на веб-страницата на Министерството за култура. Поддржаните проекти од национален интерес во културата за 2022 година ќе се реализираат со буџет од 1 милијарда педесет и три милиони денари, односно 66 милиони денари повеќе за оваа намена од средствата што беа на располагање за проектите во 2021 година.

Костадиновска-Стојчевска потсети дека оваа година Конкурсот за првпат беше реализиран преку електронска апликација, за што беа одржани обуки во повеќе градови, беше направено видео упатство за правилно користење на апликацијата, видливо и транспарентно беа поставени условите за секоја дејност одделно на веб-страницата на Министерството, беа отворени телефони за консултација и техничка поддршка, како и електронски адреси во секоја дејност за прашања од корисниците.
 
Министерката за култура на прес-конференцијата информираше дека во системот се евидентирани 3.769 валидни пријави кои автоматски добија архивски број, а по административната проверка на доставената документација, службите констатираа дека поголем број од пријавите, речиси 2/3, се пополнети со технички пропусти.
 
„Од тие причини, а во интерес на корисниците, рокот за пријавување беше двапати продолжен. Тоа подразбираше, како што беше и најавено, дека резултатите од Конкурсот ќе бидат објавени, наместо до 20 јануари, најдоцна до средината на февруари“, нагласи Костадиновска-Стојчевска.
 
Таа додаде дека со воведувањето на електронската апликација е направен огромен исчекор во градењето на системот и им се заблагодари на претходната министерка за култура, Ирена Стефоска,  на стручните лица од Министерството и од Владата, како и на комисиите и на самите апликанти.
 
„На сите ова ни беше ново заедничко искуство кое донесе нови предизвици од кои извлековме драгоцени сознанија како да го подобриме овој систем за заемно задоволство“, рече Костадиновска-Стојчевска.
 
На прес-конференцијата беше истакнато високото ниво на професионалност и етичност на членовите на комисиите, кои како што нагласи, одговорно се однесувале кон распределбата на буџетските средства во услови на пандемија и на економска криза без да го нарушат принципот на приоритет на квалитетот, а не на квантитетот.
 
„Во вакви услови, дадена ѝ е предност на домашната „жива култура“. Запазени се и другите приоритети: поддршка на проекти на млади, на проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби. Комисиите внимавале да поддржат проекти и од подносители кои досега не користеле средства од буџетот на Министерството за култура. Исто така, при селекцијата на проектите, комисиите воделе сметка и за правичната застапеност по етничка основа. Поддржани се и голем број проекти во кои до израз доаѓа интеркултурноста. Еднакво се водело сметка и за родовата рамноправност“, додаде Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура посочи дека, иако текстовите на самите конкурси овојпат беа појасни, условите попрецизни, а барањата поконкретни во однос на изминатите години, дел од подносителите на пријавите не се придржувале кон нив.
 
Беше посочен и релативно малиот број и генерално слабиот квалитет на пријавени проекти за електронско издаваштво во време на пандемија, како што кажа министерката за култура, кога глобално многу дејности и активности се одржаа и опстојаа токму благодарејќи на можноста да се спроведат по електронски пат, и со далеку пониски трошоци станаа достапни за широк круг публика.
 
„Министерството за култура, преку поддршката на квалитетни проекти со реални суми, сака  да ги охрабри и да ги поттикне подносителите на проекти во иднина да се фокусираат на оваа можност за реализација на своите проекти. За жал, има пријави кои не го задоволуваат ниту насловот на Конкурсот. Но, ние и добрите и лошите примери ги земаме како искуство за подобрување на годишните конкурси“, рече Костадиновска-Стојчевска.


Интегрално обраќање на министерката за култура Костадиновска-Стојчевска
 

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска ја одржа првата прес-конференција на која ги соопшти резултатите од „Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година.
 
Во продолжение ви го испраќаме обраќањето на министерката Костадиновска-Стојчевска во целост:
 
„Добар ден на сите,
 
Буџетот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2022 година изнесува една милијарда педесет и три милиони денари. Тоа е 66 милиони денари повеќе за оваа намена од средствата што беа на располагање за проектите во 2021 година.
 
Оваа година Конкурсот за првпат беше реализиран преку електронска апликација. Беа одржани обуки во повеќе градови, беше направено видео упатство за правилно користење на апликацијата, видливо и транспарентно беа поставени условите за секоја дејност одделно на веб-страницата на Министерството, беа отворени телефони за консултација и техничка поддршка, како и електронски адреси во секоја дејност за прашања од корисниците.
 
Во системот се евидентирани 3.769 валидни пријави кои автоматски добија архивски број. По административната проверка на доставената документација, службите констатираа дека поголем број од пријавите, речиси 2/3, се пополнети со технички пропусти.
 
Од тие причини, а во интерес на корисниците, рокот за пријавување беше двапати продолжен. Тоа подразбираше, како што беше и најавено, дека резултатите од Конкурсот ќе бидат објавени, наместо до 20 јануари, најдоцна до средината на февруари.
 
Почитувани,
 
Со воведувањето на електронската апликација е направен огромен исчекор во градењето на системот. За тоа сакам да им се заблагодарам на претходната министерка за култура, Ирена Стефоска,  на стручните лица од Министерството и од Владата, како и на комисиите и на самите апликанти. На сите ова ни беше ново заедничко искуство кое донесе нови предизвици од кои извлековме драгоцени сознанија како да го подобриме овој систем за заемно задоволство.
 
По внимателното читање на извештаите на комисиите, а и по повторното разгледување на прифатените пријави, преовладува фактот дека членовите на комисиите го задржале високото ниво на професионалност и етичност. Одговорно се однесувале кон распределбата на буџетските средства во услови на пандемија и на економска криза без да го нарушат принципот на приоритет на квалитетот, а не на квантитетот. Во вакви услови, дадена ѝ е предност на домашната „жива култура“.
Запазени се и другите приоритети – поддршка на проекти на млади, на проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби. Комисиите внимавале да поддржат проекти и од подносители кои досега не користеле средства од буџетот на Министерството за култура. Исто така, при селекцијата на проектите, комисиите воделе сметка и за правичната застапеност по етничка основа. Поддржани се и голем број проекти во кои до израз доаѓа интеркултурноста. Еднакво се водело сметка и за родовата рамноправност.
 
Иако текстовите на самите конкурси овој пат беа појасни, условите попрецизни, а барањата поконкретни во однос на изминатите години, дел од подносителите на пријавите не се придржувале кон нив.
 
Со искрено жалење сакам да констатирам дека непочитувањето на условите од Конкурсот за аплицирање со проекти во најмногу две дејности, автоматски им ги отфрли проектите во сите дејности во кои аплицирале. Жалам, но тоа беа пропозициите на кои постојано укажувавме при обуките и во непосредните контакти со апликантите.
 
Комисиите, во своите извештаи, посочуваат и на повторување на старите манири на дел од апликантите – од барање безобѕирно високи суми до конкурирање со стари, реализирани или веќе поддржани проекти од Министерството за култура; ист автор пријавен во повеќе улоги во повеќе проекти и покрај потпишаната изјава дека конкурира со еден проект; пријави од лица кои не се наши државјани; до потписи на починати лица или на лица кои воопшто не знаеле дека се предложени во некој проект.
 
Членовите на стручните комисии сугерираа начини за спречување на ваквите, за среќа, малобројни појави и предупредување дека поднесувањето на лажни изјави треба да подразбира соодветна одговорност и санкционирање.
 
Исто така, изненадува релативно малиот број и генерално слабиот квалитет на пријавени проекти за електронско издаваштво во време на пандемија, кога глобално многу дејности и активности се одржаа и опстојаа токму благодарејќи на можноста да се спроведат по електронски пат, и со далеку пониски трошоци станаа достапни за широк круг публика.
 
Министерството за култура, преку поддршката на квалитетни проекти со реални суми, сака  да ги охрабри и да ги поттикне подносителите на проекти во иднина да се фокусираат на оваа можност за реализација на своите проекти.
 
За жал, има пријави кои не го задоволуваат ниту насловот на Конкурсот.
 
Но, ние и добрите и лошите примери ги земаме како искуство за подобрување на годишните конкурси.
 
Почитувани,
 
Службите во Министерството за култура денеска ќе ги постават резултатите на веб-страницата на Министерството. На корисниците што ќе се најдат во списокот на поддржани проекти, им пожелувам успешна и отчетна реализација.