Во СУГС „Орце Николов“ презентиран проектот на МОН за студирање на техничките науки

Министерот за образование и наука Панче Кралев и заменик-министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска денеска го посетија СУГС „Орце Николов“ по повод спроведување на проектот на МОН за подигање на интересот кај младите за студирање на техничките науки.

Министерот и заменик-министерот се сретнаа со учениците од втора година со цел информирање околку можностите кои се нудат за студирање на техничките универзитети.

- Профилот на студенти кои завршуваат на овие универзитети во моментов е дефицитарен на пазарот на трудот. Студентите од втора година веќе размислуваат за студирање на техничките факултети, но тоа не значи дека се обесхрабруваат да студираат и на другите факултети. МОН со поддршка од Министерството за информатичко општество и администрација во следниот период ќе спроведе дополнителни активности за подигање на интересот на младите за техничките науки, изјави Кралев.

Тие што ќе завршат на техничките факултети, нагласи министерот, се барани од компаниите кои веќе работат или ќе почнат да работат во земјата. МОН, како што рече, континуирано работи со факултетите за овозможување поблиска соработка меѓу сите вклучени страни, а се обезбедуваат и стипендии за најдобрите студенти да се охрабрат да се запишат на овој вид факултети.

Заменик-министерката Арсовска истакна дека анализите покажувале оти во следните 10 години ќе има сериозен дефицит на информатички кадри секаде во светот, а професијата меѓу мажите и жените е нерамномерна, односно информатиката е се уште машка професија со 80 отсто мажи наспроти 20 проценти жени.

- Поради тоа, востановен е ден на девојки во информатичко-комуникациските технологии, а тоа е секој четврти четврток во четвриот месец во годината, односно 26 април годинава. Кон оваа иницијатива ќе се придружи и Македонија и ќе го прославиме овој ден на тој начин што селектирани девојки кои имаат афинитет за математика и информатика од втора и трета година од средните училишта ќе ги однесеме во информатичките фирми и телеком операторите и ќе им покажеме што значи да се работи во оваа индустрија, каде освен што има слободни работни места, работата е добро платена, додаде Арсовска.

На сите четири студиски години на јавните и приватните факултети кои ја обработуваат информатиката, информираше Арсовска, запишани се 72,8 машки студенти, а останатите се девојки.