Администрацијата ќе учи на работа со проект на МИОА за микро учење
Надградба на знаењата на администрацијата преку учење на работните места треба да овозможи проектот за микро учење, што го почна денеска Министерството за информатичко општетсво и администрација (МИОА).
Проектот, дел од Меморандумот што МИОА го потпиша со Германската заедница за поддршка пред половина година, предвидува иновативни техники и методи за обука и формирање центар за микро учење.
По примерот на искуства на Австрија експерти од австрискиото Студио за истражување го презентираат системот за микро учење (систем на Леитнер) на работилница во Скопје пред претставници од Централниот регистер, Царинската управа, Агенцијата за катастар на недвижности, Управа за јавни приходи...
- Тие ќе се стекнат со знаење преку системот на микро учење ќе им помогне поедноставно да доаѓаат до информациите со кои раководителите, менаџерите, министерствата или Владата сакаат да им го зголемат степенот на знаење, изјави министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски пред почетокот на работилницата за проектот.
Системот ќе овозможи надградба на знаењата на администрацијата преку кратки лекции по примерот на лекциите учени на факултет во периодот додека немаат големи активности на работното место.
- Постои тајмер на компјутерите со кој кога ќе се вратат да работат на компјутерот ќе им се појави лекцијата за која треба да одговарат на прашања. Доколку одговорат погрешно на тоа прашање системот ќе им го каже точниот одговор, а по извесен период повторно ќе им го постави истото прашање. Со ова според анализите, доколку вработениот одговори неколкупати на истото прашање точно тогаш тоа нема да излегува повторно пред него затоа што системот знае дека се стекнал со соодветно знаење, појасни Ивановски.
Има опција вработениот да не одговори на прашањето, но тоа ќе биде евидентирано и кога ќе има оценување раководниот кадар ќе има увид колку вработените се труделе да научат и кои им се слабостите и предностите.
- Свесни сме дека дел од информациите и законите кои се менуваат не стасуваат навреме до администрациајта односно до пониските ешалони, а граѓаните пак кои имаат проблеми често ги знааат законските измени пред тие да стасаат до администрацијата. Со системот на микро учење администрацијата ќе се стекне со многу подобро знаење, ќе нуди поквалитетни услуги, а со троа граѓаните ќе бидат позадоволни, рече Ивановски.
Микро учењето е модерен систем кој досега е применет само во Австрија. Не бил дел од програмата на МИОА но поради постојаните нови технологии одлучиле да го спроведат со цел да се добие администрација услужно ориентирана кон граѓаните.
Во првата фаза од проектот ќе биде презентирано функционирањето на системот, втората предвидува инсталирање на системот во МИОА, а третата фаза креирање курсеви. Со активностите во првата година на проектот се планира да бидат опфатени вработените во МИОА и во Државниот управен инспекторат, со одреден број теми за обука. Врз база на препораките кои МИОА ќе ги утврди по една година решението ќе почне да се применува и во други институции и на други теми. Техниките кои што ќе ги учи администрацијата ќе бидат дополнување, а не замена на постоечките пристапи за обука.