Премиерот Ковачевски: Независна безбедносна служба е неопходност за сигурноста и автономноста на пратениците

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски учествуваше на работилница на тема „Независна безбедносна служба на Собранието во рамки на Програмата за парламентарна поддршка", која се имплементира од
Националниот демократски институт, Центарот за управување со промени и Институтот за демократија Социетас цивилис со цел поддршка на стратешкото планирање на Собранието.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот:


Изнаоѓањето на најдобриот модел за независна безбедносна служба на Собранието, што е и тема на денешната работилница, е од огромно значење.

Со оваа тема правиме чекор напред во зајакнувањето на улогата на Собранието и во обезбедувањето најдобри услови за негова независност. Воедно, оваа дебата ќе овозможи изнаоѓање на најдобриот модел кој ќе ја осигура сигурноста и автономноста на пратениците.

Собранието е дом на слободата и на демократијата. Како највисоко претставничко тело на граѓаните тоа мора да ги има сите неопходни услови за безбедна работа, а во исто време да остане отворено и транспарентно и да овозможи јавност и присуство на граѓани на дневна основа.

Парламентите ја организираат својата безбедност на различни начини, согласно потребите. На оваа дебата, ќе се презентираат и разгледуваат различни искуства и модели, што ќе помогне да се изнајде најдобриот и применлив концепт кој ќе одговара на потребите на Собранието.

Фактори кои ги определуваат различните модели за безбедност на парламентите произлегуваат од традицијата, од политичката култура, но и од искуствата со инциденти.

За жал, не така одамна, во 2017 година, во Собранието на Република Северна Македонија, се случи сериозно насилство. Во домот на демократијата, каде соочувањето треба да е со силата на аргументите, а не со аргументот на силата.

Во пресрет на тој настан, веројатно никој можел да замисли дека некој помислува, крои планови, организира и мобилизира насилници, за да извршат насилен упад во Собранието.

Тој обид за насилно преземање на Собранието остави траума во колективната свест на граѓаните.

Никогаш да не се повтори.

Од тој аспект, дебатата за изнаоѓање најдобар модел за независна безбедносна служба на Собранието, ја сметам како исклучително значајна и добредојдена.

Безбедното опкружување и сигурноста на пратениците и на Собранието, како и сите други институции на системот, е врвен приоритет. Тоа се неопходни услови во кои институциите со полн капацитет и со довербата што ја имаат од граѓаните, ќе бидат столбовите на правната држава и на сигурноста.

Само во такви улови пратениците ќе можат ја остварат клучната улога на парламентот и да ја зајакнуваат парламентарната демократија и парламентарната култура.

Само така Собранието ќе може да ја оствари улогата на вистински и ефикасен двигател на реформите.

Владата останува целосно посветена на поддршката на градење силен, функционален и независен законодавен дом. Претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт, којшто може квалитетно и континуирано да ја извршува својата функција.

Тоа е нашиот придонес за функционално Собрание, функционални институции и задоволни граѓани на држава со европски стандарди.

На крајот дозволете ми уште еднаш да им изразам благодарност на Националниот демократски институт, Центарот за управување со промени и Институтот за демократија Социетас цивилис за учеството во креирањето и имплементирањето на Програмата за парламентарна поддршка.

Со оваа програма се остваруваат големи придобивки како што се поддршката на стратешкото планирање на Собранието и реформите на системот за управување со човечки ресурси.

Како особено важни се и програмските определби за подобрување на проценката на влијание на регулативата, за заложбите за отворени податоци и пристап до нив за граѓаните, граѓанските организации и медиумите.

Сето тоа создава креативен простор за поголемо учество на граѓаните во креирањето политики.

Така Собранието ја остварува својата вистинска улога.

Ви благодарам.