„Социјалната инклузија и развојот на човечки капитал, целосната поддршка на лицата изложени на социјален ризик и младите на пазарот на трудот овозможуваат забрзан и одржлив економски раст и развој кон подобар животен стандард,“ рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на денешниот Состанок на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика, кој се оддржа онлајн.
На состанокот учествуваа вицепремиерот за европски прашања, Маричиќ, министерот за образование и наука, Шаќири и претставници од меѓународната заедница, институции и граѓански организации.
Министерката истакна дека во време во кое и нашето општеството е соочено со предизвиците од последиците од кризата, особено е важно заеднички да се продолжи со започнатите напори за опоравување на економијата и подобрување на социјалната состојба и воопшто условите за живот и работа на граѓаните.
„Ние покажавме дека трудот на работникот се цени и вреднува, особено во услови на пандемија, енергетска криза и инфлаторни притисоци. Очекуваме дека зголемувањето на минималната и просечната плата и сите мерки и заложби што беа преземени во таа насока ќе имаат директно влијание врз подобрување на стандардот на граѓаните и стимулирање на економската активност, продуктивноста на трудот, како и конкуренцијата. Истовремено, се грижиме за животниот стандард на постарите лица, бидејќи знаеме дека пензиите имаат исклучително влијание врз вкупната сиромаштија во нашата земја“, рече министерката Тренчевска.
Таа посочи дека за побрз, поинклузивен и поодржлив економски раст и извлекување на што поголем број граѓани од сиромаштија, клучни се и инвестициите во социјална заштита, со цел активација на ранливите групи на пазарот на труд.
На состанокот, министерката потенцираше дека, намалувањето на невработеноста на младите и долгорочно невработените, унапредување на условите за работа, вклучително и безбедноста и здравјето при работа, борбата против сиромаштијата, достапноста и одржливоста на квалитетни социјални услуги и процесот на деинституционализација, социјалната сигурност на старите лица, инвестициите во децата, поддршката за подобрена интеграција на Ромите, унапредувањето на родовата еднаквост, како и превенцијата и заштитата од дискриминација и родово-базираното насилство, остануваат да бидат клучни секторски сегменти кои имаат потреба од поддршка.
Во текот на состанокот од страна на претставниците на секторите, беа детално презентирани досегашните достигнувања, среднорочни и долгорочни приоритети кои произлегуваат од приоритетите дефинирани во Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија и релевантните стратегии.