Премиерот Ковачевски: Започната е енергетската трансформација со која се обезбедува чиста енергија и енергетска независност

Целта е Република Северна Македонија загадувачките производители на електрична енергија да ги замени со обновливи извори на електрична енергија, а тоа го правиме преку инвестиции во капацитети кои ќе произведуваат чиста и зелена енергија, како овој на локацијата на поранешниот рудник Осломеј. Ова го изјави претседателот на Владата Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање, за тоа каков е планот на Владата за инвестирање во енергетиката согласно Зелената агенда на ЕУ и во услови на светска криза.

„Вие знаете дека донесовме одлука и за влегување како држава во проектот во Александропули којшто е меѓународен проект во Р. Грција заедно со Р. Бугарија и Република Северна Македонија, таму веќе имаме донесено одлука за закуп на количини на ЛНГ коишто преку интерконекторот којшто исто така е во изградба преку Грција до нашата држава ќе се транспортира тој гас“, рече премиерот Ковачевски.
 
Претседателот на Владата посочи дека, дополнително се работи за уште една конекција со Р. Бугарија за природен гас којашто ќе овозможи доволни количини на природен гас во државата за да може исто така да се влезе и во инвестиции на гасни централи. За ова веќе има интерес од странски инвеститори, но и ЕСМ работи на проект, односно на студии коишто ќе овозможат дел од капацитетите коишто ги има за производство на електрична енергија да бидат трансформирани во производство на електрична енергија на база на природен гас.
 
„Сето тоа е навистина еден комплетен проект, добро осмислен во согласно со стратегијата на државата за енергетска транзиција до 2040 година, во Владата веќе работи тим којшто работи на проектите нормално заедно со потенцијалните инвеститори и изведувачи на работите, реномирани меѓународни компании и јас верувам дека доколку сите дадат се од себе како што дадоа се од себе оние кои што работеа на овој проект дека ќе се гледаме на уште вакви настани на пуштање на централи од обновливи извори на енергија. Тоа е патот напред и тоа е патот на транзиција и производство на електрична енергија за една земја којашто сака да оди напред, а Република Северна Македонија е земја која оди напред“, рече премиерот Ковачевски.

Премиерот потсети дека освен инвестициите во Осломеј, преговори се водат со германскиот ВПД, еден од најголемите светски производители на електрична енергија од ветер и со АКИ од Франција еден од најголемите исто така светски производители на сончева енергија за конкретни проекти коишто се со големина од 900 мегавати.

Исто така во Битола се подготвува изградба на уште една фотоволтаична централа, во финална фаза на подготовка односно на отпочнување со градежни работи се и инвестициите на инвеститори од Р. Словенија и од Р. Бугарија коишто пред 2 години ги добија локациите за производство на фотоволтаични централи од обновливи извори на енергија.