Орав: Преку Денот на Европа евроинтегративниот процес поблиску до граѓаните
Повеќе од 30 активности вклучува овогодинашната прослава за Денот на Европа - 9 Мај што ја организира Делегацијата на Европската унија во Македонија во партнерство со Секретаријатот за европски прашања и Европското движење на Македонија.
Според амбасадорот на ЕУ Аиво Орав, целта на активностите е да се одбележи 62 роденден на Европската унија и да е приближи процесот на евроинтетграции до граѓаните.
- Целта на оваа сеопфатна програма за Денот на Европа е да ја пренесеме нашата главна порака поврзана со европската иднина на оваа земја и ЕУ да им ја приближиме на граѓаните. Токму затоа настаните ги организираме во Скопје и во повеќе други општини за да допреме до што повеќе граѓани, рече амбасадорот Орав.
На денешната прес-конференција во Скопје се обрати и вицепремирот за европски прашања Теута Арифи која ја посочи важноста од запознавање со обемноста на реформскиот процес на патот кон ЕУ и важноста за нивно вклучување во тој процес.
- Активностите предвидени со оваа програма се одлична можност за нас како земја во партнерство со претставниците не само на Делегацијата на Европската комисија, туку и на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ да учествуваме и да дадеме придонес и видливост на процесот на евроинтеграциите за тој да биде дел од животот на сите граѓани, рече Арифи.
Милева Ѓуровска од Европското движење на Македонија истакна дека за оваа година во програмата вклучиле пет дебати на теми од евроинтеграцијата со кои сакаат на поинаков начин да пристапат кон прашањето на членството на Македонија во ЕУ за тоа да се случи што побрзо.
- Ние се обидуваме да делуваме на планот не само на меѓународното европско движење, туку и на целиот граѓански сектор во рамки на ЕУ за да добиеме поддршка за влезот на Македонија во ЕУ, рече Ѓуровска.
По повод одбележувањето Денот на Европа - 9 Мај, годинава по првпат ќе се организираат и две информативни кампањи.
Првата насловена „ЕУ одблизу“ која се состои од патување со автобус во 10 села во земјата (Долнени-Прилепско, Босилово- Струмичко, Горно Оризари-Велешко, Русиново-Беровско, Велгошти-Охридско, Липково-Кумановско, струшко Лабуниште, Боговиње-Тетовско, Могила-Битолско и во Врапчишта-Гостиварско) каде ќе бидат поставени штандови на кои во непосреден контакт со жителите на тие места ќе им даваат одговори амбасадорот Орав, амбасадори на други земји-членки на ЕУ, вицепремиерката Арифи, како и други претставници од ресорни институции.
Втората кампања се состои во изведба на театарска претстава за деца насловена „Да ти кажам една тајна за животната средина“ што ќе биде изведена од Детскиот театарски центар во Скопје во 30 села ширум земјата за поттикнување на свеста за важноста на еколошките теми. Покрај традиционалните содржини како што се одбележување на Денот на европското знаме, маратонот, трката на келнери и келнерки, предвидени се и низа дебати, предавања и други културни и спортски активности.
Активностите за одбележување на Денот на Европа - 9 Мај кои почнаа на 20 април со промоција на цртани филмови финансирани од ЕУ „Ја сакаме Европа“ ќе завршат на 30 мај во Скопје со организирање Европски ден на претприемачот, а централната манифестација ќе се одржи на плоштадот „Македонија“ во Скопје и во седум градови во државата каде ќе бидат поставени инфо точките на ЕУ - Куманово, Кавадарци, Тетово, Гостивар, Велес, Битола и Кочани.