На Форумот 100 дена од мандатот на новата Влада на Република Северна Македонија беа презентирани и постигнувањата во меѓународната политика од аспект на нашите евроинтеграции и во нашата одбранбена стратегија наспроти актуелните безбедносни предизвици со војната во Украина.
На прашањето до министерот за надворешни работи Бујар Османи дали во контекст на ветото од страна на Република Бугарија, кое според очекувањата на јавноста треба да се разреши за време на француското претседателство со ЕУ, Владата размислува да ги стави преговорите со ЕУ во мирување, доколку во јуни нема разрешница и кои се натамошните перспективи, Османи посочи дека зачленувањето во ЕУ е консензуално утврдена стратешка цел на државата и дека ќе продолжат напорите во насока на изнаоѓање на начини да се надминат пречките и да се постигне целта.
Тој ја искористи приликата да го честита денешниот ден на МНР - 28 април, на сите дипломати во МНР и вработени низ дипломатските и конзуларни претставништва во целиот свет потенцирајќи дека годинава заокруживме 61 конзуларно претставништво, како и нова амбасада во Братислава и конзуларно одделение во Цирих.
„Можеби баш во пресрет на денешен ден на МНР – дојде одлуката стратешкото партнерство со Вашингтон да го преведеме во процес на стратешки дијалог како важен дел од историјата на односите САД – Република Северна Македонија“, истакна министерот Османи.
Што се однесува до војната во Украина, посочи министерот за надворешни работи, таа беше силен удар за глобалната безбедност и сигурноста, но Северна Македонија како кредибилен НАТО член покажа зрелост да се соедини со демократскиот свет во осудата на руската агресија, да покаже солидарност со Украина и да се приклучи на санкциите на ЕУ.
„Со ова постигнавме целосна усогласеност со надворешната политика со ЕУ. Обезбедивме помош за Украина од секаков вид, отворивме граници за бегалци, а очекуваме во Влада да помине одлука за проактивно прифаќање на бегалците“, истакна Османи.
Во однос на прашањето за односите со Бугарија, министерот за надворешни работи посочи дека во овој процес постигнавме многу.
„Се вложивме во овој процес – долгорочно. Ние сме целосно конструктивни, но топката не е во нашиот двор туку во Софија. Овој процес ќе зависи и од тоа дали ЕУ ќе преземе стратешко лидерство по ова прашање“, подвлече Османи.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, на прашањето какво е значењето на членството на Северна Македонија во НАТО за стабилноста на земјата и на меѓународно ниво, во услови на воена агресија и хуманитарна криза во Европа, рече дека секому му е јасно дека во оваа ситуација ниту една земја не би можела самостојно соодветно да одговори.
„Тоа го согледавме навреме, и благодарение на истрајноста и посветеноста ги исполнивме условите и станавме полноправна членка во најсилниот воено-политички сојуз, во НАТО алијансата“, рече Петровска.
„Во изминатите сто дена покажавме дека Северна Македонија е сојузник во Алијансата на кој може да сметаат сите сојузници. Застанавме на вистинската страна на историјата. Ја осудивме воената агресија во Украина, испративме помош. Како што сметаме на солидарноста од сојузниците, така сме подготвени и да ја дадеме нашата поддршка“, рече министерката и оцени дека рефлексијата на членството, и во време на последните современи предизвици, ја одржува стабилноста и дома, и во регионот, и пошироко.
Зборувајќи за резултатите во првите 100 дена во одбраната, Петровска ја истакна позитивната оценка која на неодамнешното НАТО – оценување на вежбата „Блесок 22“ ја доби Лесниот пешадиски баталјон на Првата пешадиска бригада, кој беше оценет како „борбено способен“ согласно највисоките НАТО стандарди.
Во првите 100 дена мандат беше донесен Годишниот план за набавки во областа на одбраната со влади на странски држави кој содржи осум проекти кои значат силен импулс за модернизација на Армијата, и беше засилен социјалниот дијалог со претставниците на синдикатите од областа на одбраната, бидејќи, како што рече Петровска, луѓето се најважни.
„Во ситуација на војна во Украина, на европско тло, станува јасно дека не може да има стабилна Европа ако нема целосно интегриран Западен Балкан. Северна Македонија е кредибилен сојузник на НАТО и треба да ги започне преговорите со Унијата“, заклучи министерката Петровска.