Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски придружуван од заменик-претседателот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, денеска се сретна со Серкан Каптан, генерален директор на ТАВ, Сани Шенер, заменик генерален директор и Метин Батак, генерален директор на ТАВ за Северна Македонија.
Претставниците на ТАВ му го честитаа мандатот на премиерот Димитар Ковачевски како и денешното одбележување на постигнатите резултати на Владата по 100 дена работа.
На средбата беше потврдена одличната соработка со ТАВ којашто, како што беше посочено, во иднина ќе се унапредува и продлабочува.
Премиерот Ковачевски ја истакна важноста на традиционалното пријателство и одличната билатерална соработка на нашата земја со Република Турција со акцент на цврстите економски релации помеѓу двете земји. Истовремено тој изрази задоволство од досегашната соработка со концесионерот на скопскиот аеродром кој, како што истакна, во нашата земја донесе нови бизнис вредности.
Претставниците на ТАВ истакнаа дека нивниот највисок приоритет во земјава е завршувањето на реновациските зафати на Меѓународниот аеродром Скопје, како и отворање на нови комерцијални летови од овој аеродром кон подалечни дестинации.
На средбата обострано беше оценето дека развиениот авиосообраќај е важна гранка во развојот на економијата и има индиректен ефект врз економскиот раст на државата.