Семинар за примена на ЕУ директивите и затворање на нелегалните депонии
Македонија има создадено солидна правна рамка за воспоставување на одржлив систем за управување со отпадот која е во согласност со барањата на ЕУ, но има потреба за помош во нејзината имлементација, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми на отворањето на семинарот „Градење на капацитетите за имплементирање на ЕУ директивата за депонии-затворање на нелегалните депонии и инспекција“.
Постојните практики на отстранување на отпадот, истакна тој, не се во согласност со техничките и еколошките стандарди.
- Депониите претставуваат ризик во поглед на загадувањето на воздухот, почвата, површинските води и подземните води, како и потенцијални ризици за биодиверзитетот, земјоделското земјиште и здравјето на луѓето, како последица од депонирање на мешан опасен и неопасен отпад, рече Адеми.
Најголем дел од постојните депонии смета дека треба да се затворат, бидејќи, условите на локациите и влијанијата врз животната средина не дозволуваат да се надградат на економски исплатлив начин и да се усогласат со стандардите на ЕУ.
- Ова е предизвикот кој стои пред нас и кој започнавме да го реализираме преку воспоставувањето на Регионалното интегрирано управување со отпадот во Македонија, додаде министерот.
Од проектот како краен резултат очекува да произлезе план за затворање на нелегалните, т.е. нестандардните депонии во државата, согласно барањата од Националната програма за апроксимација со ЕУ законодавството и помош во инспекцискиот надзор на истите.
- Проектот се реализира преку техничка помош од шведските експерти кои заедно со локалните подготвија предлог-текст за планот и спроведување на обуки за Државниот инспекторат за животна средина врз основа на шведското искуство за инспектирање на депонии за комунален отпад. Убеден сум дека со овој проект ќе овозможиме реализација на програмата за затворање и санација на непрописните депонии, воспоставување класи на непрописни депонии според нивниот ризик за животната средина, методи на затворање и процена на трошоци и ќе понуди одредени опции за надградба на ниско-ризичните депонии, како времена мерка во преодниот период, рече министерот Адеми.
Шведскиот амбасадор во Македонија Ларс Вахлунд истакна дека Шведска е многу добра во управувањето со отпад и оти има што да ги поучи другите земји. Тој посочи дека ја поддржуваат Македонија во евроинтеграцијата и во врска со тоа го посочи поглавјето 7, што според него, е многу важно, скапо и комплицирано поглавје и е поврзано со прашањето за заштита на животната средина.
- Многу е важно да бидеме активни за прашањата од животната средина. Сите ќе бидат посреќни ако гледаат помалку ѓубре, а сега има повеќе ѓубре отколку цвеќиња, рече Вахлунд.
За зачувување на животната средина нагласи дека треба да се има добри закони, да се види како се применуваат и да се види дека може да се применуваат. Порача дека треба од некаде да се почне и секоја личност треба да знае дека „ова е моја одговорност“, односно да се има лична одговорност.