Преку голем број инвестиции во инфраструктурата Владата на Република Северна Македонија продолжува со урбаниот развој на општините. Средствата се обезбедени, потребни се проекти од општините, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска беше во работна посета на општина Демир Капија.
Тој заедно со градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров и директорот на ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта, Костадин Ацевски извршија увид во изградбата на обиколницата во Демир Капија.
Инвестицијата е преку 20 милиони денари, средства преку ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта.
„Еден дел од овој пат се реконструираше ланската година, а останатиот дел го реализираме сега, за што инвестираме дополнителни 12 милиони денари.
Продолжуваме да инвестираме средства во инфраструктурни проекти и покрај кризните времиња во кои се наоѓаме, бидејќи наш фокус е обезбедување континуитет на реализацијата на проектите, одржувањето на работните места, со цел подобрување на животот на граѓаните.“ – изјави од Демир Капија министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
„Во два дела ја реконструираме оваа обиколница околу Демир Капија за што вкупно вложуваме околу 20 милиони денари. Од нив 8 милиони денари се за тампонски работи, а околу 12 милиони денари за прв и втор слој асфалтирање кое ќе биде завршено во наредните денови со што обиколницата ќе биде комплетно реконструирана.“ – изјави директорот на ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта, Ацевски.
Посетата на Демир Капија, министерот Бочварски ја искористи и да изврши увид на неколку улици во градот, кои се реконструираа со средства преку Министерството за транспорт и врски.
„Во кратко време преку Проектот за локaлни улици и патишта успеавме да реконструираме делови од неколку улици низ градот и тоа: „11 Октомври“, „8 Март“, „Гоце Делчев“ и „Маршал Тито“, за што вкупно инвестиравме околу 13 милиони денари.
Придобивките од овие проекти веќе ги чувствуваат граѓаните преку подобри услови за живот и побезбеден сообраќај, а општината добива нов урбан лик, со подобри услови за нови инвестиции.“ – изјави Бочварски.
„Поддршката од Владата е од огромно значење за нас како локална самоуправа. Заеднички реализираме многу проекти за подобрување на животот на граѓаните и таа одлична соработка ќе продолжи и понатаму.“ – изјави градоначалникот Петров.
Градоначалникот на Демир Капија најави реконструкција на уште три локални улици во општината, со поддршка од Министерството за транспорт и врски.