„Лидери се луѓе кои носат одлуки и решаваат прашања кои ги афектираат идните генерации и благосостојбата на граѓаните како и справување на најголемите проблеми со кои тие се соочуваат. Не е лидер тој, кој мисли само на својот личен рејтинг и кој мисли само на тоа, кога ќе бидат наредните избори“, посочи премиерот Димитар Ковачевски вечерва на ТВ 21, коментирајќи ги најавите на опозицијата за активна блокада во Парламентот на Северна Македонија.
Подвлекувајќи дека бојкотот ќе им нанесе штета на граѓаните на нашата земја, кои ги бираат пратениците во Собранието, а не на Владата, Ковачевски оцени дека тоа што го прави претседателот на ВМРО - ДПМНЕ е најнеодговорното нешто што може некој да го направи во време на најголемата светска, економска криза по Втората светска војна.
Тој потсети дека и на денот кога се формираше новата Влада нагласи дека заради тешките услови, постојаниот раст на цените на енергенсите, на цените на храната и заради здравствената криза, 2022 година нѐ очекува една од најтешките години.
„Тоа ќе биде најтешката зима затоа велам дека ова однесување на претседателот на ВМРО - ДПМНЕ е исклучително неодговорно. Собранието е место каде што треба да се носат закони, да се унапредуваат тие закони и каде што треба да се носат брзи решенија заради справување со кризата“, подвлече Ковачевски во дебатниот магазин „Клик“ на ТВ 21.
Тој додаде дека во услови кога гледаме како во Европа сите политички субјекти се обединуваат околу наоѓање на начини за задржување на животниот стандард во државите и преку регионални соработки бараат начини да обезбедат доволно енергенси за претстојната зима, неодговорно е да се врши постојан притисок и блокади на Собранието.
„Меѓутоа уценување или за тоа ќе се разговара или нема да има средба јас не прифаќам. Закани, инфантилни закани, одбројвуње, тоа се минати времиња. Ние сме демократска држава, ако мисли претседателот на ВМРО - ДПМНЕ дека се уште живее во времето на неговиот претходник и сегашен ментор кога се организираа на 2 години избори тогаш кога на нему му одговараше тогаш се лаже. Оваа држава веќе не е заробена држава, ни хибриден режим, ова е демократска држава според независното истражување на ЕКОНОМИСТ, држава во која се унапредени правата на новинарите според извештајот на Репортери без граници и никогаш нема да се врати назад во тоа време“, истакна премиерот Ковачевски во емисијата на ТВ 21.