Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, се сретна со Александер Шаленберг, сојузен министер за Европа и надворешни работи на Република Австрија.
На состанокот е изразена силна поддршка од Австрија за развојот на нашата држава и за исчекор во евроинтеграциите.
Пренесена е благодарност за навремените реакции на Република Северна Македонија и целосната усогласеност на политиките, со политиките на ЕУ, во врска со руската агресија во Украина.
Премиерот Ковачевски нагласи дека Австрија е традиционален и искрен пријател на Северна Македонија, меѓу најголемите инвеститори во земјава и голем поддржувач во евроаспирациите на државата, за што изрази и благодарност.
„Посветени сме кон практикување европски вредности, нашето законодавство е 45 проценти веќе усогласено со европските регулативи, посветени сме на принципиелен развој на добрососедски односи и оправдано оценуваме дека Северна Македонија заслужува исчекор во евроинтеграциите“, рече премиерот Ковачевски.
На средбата, заеднички е констатирано дека секоја држава треба да цели кон својот развој, но и кон развојот на своите соседи, бидејќи на тој начин е возможен вистински напредок на регионот.
Премиерот Ковачевски, ја истакна како историски моментум за нашата земја, одлуката на Вселенскиот Патријарх, г.г. Вартоломеј и на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, со којашто практично, нашата Црква, МПЦ-ОА, после седумдецениска изолација, е признаена како канонска црква.
На состанокот е разговарано и за повеќе актуелни прашања поврзани со последиците од војната во Украина, како што се снабдувањето со енергенси и храна.
Посочено е дека економската соработка помеѓу Северна Македонија и Австрија е добра, но дека постои простор за унапредување во областа на земјоделството.