Попоски: САД да се заложат Македонија да ја добие заслужената покана за НАТО
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска во Вашингтон се сретна со американскиот помошник државен секретар за Европа и Евро-азија Филип Гордон и со конгресменот Дејвид Прајс, ко-претседавач на Комитетот за демократско партнерство на Претставничкиот дом на САД.
Попоски, како што информира МНР, ги пренесе очекувањата и аргументите на Република Македонија за што побрзо добивање покана за членство во НАТО, базирани на перформансите на земјата, како во МАП-процесот, така и во контекст на значајното учество во мисиите на НАТО. Притоа, подвлече дека Република Македонија и натаму останува посветена на учеството во мисијата ИСАФ се додека тоа е потребно, а во согласност со стратегијата на Алијансата за Авганистан.
Реафирмирајќи и аспектите на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, го изрази очекувањето дека САД, како најсилни и промотори на проширувањето на Алијансата, ќе се заложат за ефектуирање на заслужената покана за зачленување на Република Македонија во НАТО. Во тој контекст, истакна дека Македонија ќе продолжи конструктивно да придонесува за успешен исход од разговорите за надминување на разликата околу името со Грција, а особено за унапредување на добрососедските односи.
Попоски синоќа во Конгресот на САД во Вашингтон, имаше средба и со конгресменот Албио Сирес, член на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом. Тој го запозна конгресменот Сирес со актуелната состојба во контекст на зачленувањето на земјата во НАТО, нагласувајќи го очекувањето за принципиелна поддршка од Конгресот на САД во овој правец.
Македонскиот министер за надворешни работи имаше и обраќање пред Постојаниот совет на Организацијата на американските држави (ОАД), прв пат по зачленувањето на Република Македонија во оваа регионална организација во својство на постојан набљудувач.
Пред амбасадорите на 35-те земји-членки на ОАД, министерот Попоски говореше за аспектите на унапредување на соработката на Република Македонија со земјите од западната хемисфера, со посебен акцент на засилувањето на економската соработка. Детално ги елаборираше реформските зафати на Владата на Република Македонија насочени кон подобрување на бизнис климата и можностите за привлекување директни странски инвестиции.