Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска се сретна со Џевад Кицара, директор на Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија.
На состанокот вицепремиерката Грковска ја нагласи важноста на Институтот како национално тело за стандардизација на Република Северна Македонија. Истовремено посочи дека стандардизацијата е потребата и е услов за подобрување на општествените услови и животниот стандард, но и за подигнување на квалитетот на услугите што ги даваат институциите кон граѓаните.
„Нам ни недостасуваат стандарди и треба да најдеме начин и да направиме план како стандардите да се имплементираат во сите институции. Во моментов има институции во кои стандардите се имплементираат, но има и такви каде се дава отпор кон воведувањето на стандардите. И ние имаме обврска тоа да го промениме“, нагласи Грковска.
На состанокот вицепремиерката Грковска задолжена за спроведување на политики за добро владеење најави иницијатива за вклучување на Владата кон членството на Институтот за стандардизација, со што ќе се пристапи кон спроведување на регулативи и практики според европски стандарди.
Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија (ИСРСМ) е национално тело за стандардизација кое ги претставува националните интереси во меѓународните, европските и регионалните организации за стандардизација и ги промовира стандардизациските активности.