Груевски: Македонија отворена за нови кинески инвестиции
Република Македонија има политичка поддршка од Кина, а истовремено е отворена за нови кинески инвестиции, изјави премиерот Никола Груевски по официјалната средба со кинескиот колега Вен Џиабао во рамки на бизнис форумот „Полска – Централна Европа – Кина“ што се одржа во Варшава.
На средбата со кинескиот премиер, рече Груевски, освен констатациите за одлични политички односи меѓу Македонија и Кина, најмногу се фокусирале на економскиот дел.
- Во економскиот дел разговаравме за поголем број проекти кои сега се во тек или може да се случат, како што се „Чебрен“ и „Галиште“, потпишаниот Меморандум со една од кинеските банки за проектот „Вардарска долина“, проектот „Козјак“ што е во завршна фаза и други можни проекти, како што се и работи поврзани со развој на туризмот меѓу двете држави со нови инвестиции во инфраструктура. Можам да кажам дека тоа беше една добра средба во која многу позиции од минатото се реафирмираа, меѓутоа се спомнаа и многу нови работи, изјави Груевски.
Најави дека е планирано наскоро македонска владина делегација да ја посети Кина со цел економско-инвестициско претставување на Македонија пред голем број кинески компании.
- Премиерот на Кина веќе беше запознат и изрази добредојде во Кина во смисла дека сме добредојдени да посетиме повеќе градови и сретнеме што поголем број компании што ќе придонесе за развој на економијата меѓу двете држави, а ние се надеваме дека тоа ќе придонесе и за привлекување на повеќе инвеститори, додаде Груевски.
Политичка поддршка од Кина има, потенцираше, а кинескиот премиер тоа многу јасно го кажа на средбата. Груевски рече дека сега останува уште да се најде и бизнис-релација меѓу некоја компанија од Кина и некоја можност за инвестирање во Македонија или некоја можност за правење бизнис во Македонија што ќе биде и задача и обврска на македонската делегација за време на престојот во Кина во средината на мај при што ќе бидат посетени четири града.
- Кинескиот премиер постави прашање дали се уште стоиме на онаа позиција што на претходната средба ја отворивме, а тоа е дека Македонија стои на располагање доколку има интерес кај кинеските компании да бидат лоцирани во една за нив специјално направена слободна економска зона или технолошко-индустриска развојна зона. Јас тоа го потврдив дека остануваме отворени на тоа прашање. Тоа беше сигнал дека тие се уште размислуваат за една таква ситуација, рече Груевски.
Премиерот смета дека штом кинеската страна го отворила тоа прашање, значи дека серизно се размислува за инвестирање во Македонија, што е добар сигнал и уште еден поттик оти треба да се има подлабински настап директно со компаниите во Кина.
- Политиката е таа која ги дава правците, која ги дава пораките, која што охрабрува, но самите компании се тие што треба да донесат одлука за евентуално интересирање. Би рекол дека оваа средба со кинескиот премиер беше одлична увертира за претстојното заминување во Кина и контактите со голем број компании на роуд-шоуто што го планираме во оваа земја, нагласи Груевски во изјавата по средбата.