Груевски: Полска останува силен поддржувач на Македонија за НАТО и ЕУ
Средбата на премиерите на земјите од Централна и Источна Европа и Кина заврши многу успешно и тоа беше добра можност за остварување повеќе средби, неформални и формални, за главните прашања кои што нас не засегаат, особено прашањето поврзано со членството во НАТО и во ЕУ, бидејќи поголем дел од нив се нивни членки.
Ова го изјави премиерот Никола Груевски во Варшава каде што учествуваше и се обрати на бизнис форумот „Полска – Централна Европа – Кина“, чиј што домаќин беше полскиот премиер Доналд Туск.
- Можам да кажам дека во основа ние ја имаме поддршката од овие држави и дека тие го разбираат нашиот проблем и на некој начин во целиот изминат период, а се надевам дека и во иднина, во оној капацитет колку што тие можат да помогнат, ќе и помагаат на Република Македонија, рече Груевски.
На средбата со полскиот премиер Туск, потенцира, во најголем дел се осврнале на прашањето поврзано со членството на Македонија во НАТО и во ЕУ.
- Детално ги образложив проблемите со кои се соочуваме со Грција и укажав дека од декември минатата година имаме нов момент, а тоа е Хашката пресуда која јасно кажа дека Грција е виновна во делот на прекршувањето на договорот од 1995 година и дека го прекршува меѓународното право. Укажав дека Судот не очекува Грција тоа да го повтори во иднина и дека Македонија во целиот изминат период не го прекршила договорот и разговарала со добра волја за да се најде решение, посочи Груевски.
На полскиот премиер му кажав, наведе, дека на некој начин ако НАТО продолжи да го игнорира овој договор, независно од кои причини, дали од тоа што се надеваат дека ќе се најде брзо решение со Грција или заради принципот на солидарност, дека Алијансата во очите на македонската и на светската јавност ќе се стави во ситуација да не го почитува меѓународното право.
- Тоа мислам дека не е нешто што го посакуваат земјите-членки на НАТО и Алијансата како институција, и дека треба да најдат начин малку посериозно и посилно да ја охрабрат Грција да најде решение како да го надмине овој проблем во кој самата се заглави и не заглави нас уште од почетокот на деведесеттите години од минатиот век, истакна Груевски.
Побарал понатамошна поддршка од Полска, која што од 2005 година ја призна Македонија под уставното име, при што било укажано дека Варшава и понатаму ќе остане поддржувач на македонскиот пат за НАТО и за Европската унија.
- На средбата со полскиот премиер Туск констатиравме дека имаме билатерални релации кои се одлични, пријателски и без отворени прашања. Единствено во полето на економијата може да се направат повеќе контакти во иднина. Го поканив да ја посети Македонија и да донесе поголем број на компании за да има бизнис-форум, да се сретнат со нашите компании, да разговараат директно и можеби да склучат некоја зделка, рече Груевски.
Најави дека следната година дека се планира роуд-шоу во земјите на Централна Европа меѓу кои и во Полска. Премиерот Туск ја поздравил идејата, ја оценил како одлична, и дека има полна поддршка од полската Влада.