Ковачевски: Отворањето на претставништво на Европската инвестициска банка е силна поддршка за економскиот развој на државата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на церемонија по повод отворањето на претставништво на Европската инвестициска банка во нашата држава. На церемонијата присуствуваа вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, потпретседателката на Европската инвестициска банка Лилјана Павлова и Девијд Гир, амбасадор на ЕУ. 

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

„Сметам дека овој чин е силна порака и признание од Европската инвестициска банка за Република Северна Македонија и нашите заложби во врвот на своите приоритети да ги ставиме енергетската транзиција, заштитата на животната средина, одржливиот транспорт, локалниот економски развој и приватниот сектор.

Изминатиот период сме силно фокусирани на создавање на енергетска независност на земјата, подобрување на инфраструктурата за подобро и побрзо движење и поддршка на компаниите кои се моторот на економскиот раст на Република Северна Македонија.
  
Како добро воспоставен и доверлив партнер за земјата, сега со непосредното присуство со канцеларијата на Европската банка во главниот град на нашата земја, ќе се воспостави директна комуникација со Европската Комисија во реализацијата на клучните проекти кои се остваруваат со финансиската поддршка на банката на Европската Унија.

Претставништвото на Европската инвестициска банка во Скопје има за цел да ги забрза и новите иницијативи и ќе ја подобри идентификацијата, подготовката, обезбедувањето финансирање и извршувањето на проектите според најдобрите практики.

Европската инвестициска банка е активна во Северна Македонија од нејзиното основање во 1991 година. Преку оваа банка се обезбедени финансии за поддршка на клучни инфраструктурни проекти, за развој на локални заедници, како и за поддршка на малите и средни претпријатија.

Во овој период Европската инвестициска банка обезбеди 1 милијарда евра за поддршка на социо-економскиот развој во процесот на пристапување нашата земја во ЕУ преку финансирање на мали и средни претпријатија, на транспортни, енергетски и на комунални инфраструктурни проекти.

Во моментот преку Европската инвестициска банка, а со буџет од 246,9 милиони евра наменет за кофинансирање на проектите од јавниот сектор, тековно се спроведуваат проектот за водоснабдување и одведување отпадни води во општините во Република Северна Македонија, проектот за финансирање на мали и средни претпријатија и средно пазарно капитализирани претпријатија, проектот „Интерконектор за пренос на природен гас Грција – Северна Македонија, дел на Северна Македонија” и проект за Пречистителна станица за отпадни води Скопје.

Од проектите кои се во завршна фаза на подготовка ќе го издвојам проектот Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор 8, односно третата делница од Крива Паланка – Деве Баир до границата со Бугарија вреден 412,3 милиони евра.

Особено важна е поддршката на Европската инвестициона банка и за малите и средни претпријатија, кои се 99% од сите активни деловни субјекти и имаат голема улога во економскиот раст на земјата.

Во овој контекст, станува многу јасно колку е значајно што Европската инвестициската банка останува со силната поддршка на нашата земја и во претстојниот период.

Отворањето на претставништвото на Европската инвестициска банка во нашата земја е силно охрабрувањето за сите наши планови за одржување и раст на нашата економија.

Уште еднаш упатувам честитки и верувам во уште поблиска и интензивна соработка“, рече премиерот Ковачевски.